Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска ја презентираше Програмата за рурален развој за 2019 година, која има вкупен буџет од 2,2 милијарди денари. Новите мерки кои значат инвестиции во земјоделството и руралниот развој создаваат услови тоа да прерасне во модерно и конкурентно производство, посочи министерот Николовски.
Во 2019 година финансиската поддршка за младите земјоделци продолжува, но со изменети критериуми. МШЗВ ги зголемува субвенциите од досегашните 10.000 евра на 20.000 евра по корисник. Дополнително, се воведуваат законски измени преку кои се отстранува границата од 18 месеци за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, со што се отвора мерката за повеќе млади луѓе.
Преку новата Програма МЗШВ ја зголемува поддршката за набавка на добиток од 14 на 91 милиони денари, a поддршката за набавка на трактори расте од 30 на 60,2 милиони денари.
„Меѓу приоритетите за следната година се инвестициите во преработувачката индустрија кои обезбедуваат сигурен пласман за македонските земјоделски производи, решавање на проблемите со вишокот, создавање конкурентни производи, но и отворање можности за нови работни места. Во таа насока МЗШВ ја зголемува сумата за мерката Инвестиции за маркетинг на земјоделски производи од 300 илјади евра на близу 4 милиони евра. Оваа мерка ќе овозможи пред финансирање на инвестициски проекти во висина од 100% од износот на предлог-проектите. Преку мерката ги поддржуваме инвестициите во преработувачки капацитети, ладилници и откупни центри за приоритетните земјоделски производи кои се соочуваат со проблеми во пласманот“, изјави министерот Николовски.
Во новата Програма за рурален развој за 900 отсто се зголемува сумата за мерката Советодавни услуги со којашто преку стручни совети и навремени информации ќе се поттикне поголема искористеност на мерките од Националните програми и од ИПАРД фондовите.
„Со вкупно 60 милиони денари се поттикнува промоцијата на македонските земјоделски производи дома и во странство. Со овие средства ќе бидат поддржани уште 25 домашни и странски саемски манифестации. Дополнително преку мерката Поддршка за маркетинг и промоција на земјоделски производи, Министерството нуди поддршка за заштитени ознаки за традиционални производи, отворање на органски продавници, амбалажа на преработени земјоделски производи, изработка на маркетинг платформа и друго. Финансиска поддршка од 13 милиони денари ќе добијат локалните акциски групи преку кои ќе се поттикне партнерството помеѓу општините и невладините организации за подобрување на животот во руралните средини“, изјави министерот Николовски.
Вкупно 130 милиони денари оваа година се издвојуваат за мерката Обнова и развој на села. Со оваа мерка директно се поддржуваат општините во изработка на урбанистички планови за населени места во руралните средини, што е предуслов за користење на средства од ИПАРД програмата.
Comments are closed for this post.