Сојузот на синдикати на Македонија апелира работодавачите во јавниот и приватниот сектор да ги почитуваат препораките од Владата и еден од родителите кои имаат деца до 10 години да биде ослободен од работа.

– Апелираме до надлежните во Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд, секое непочитување на оваа препорака веднаш да биде санкционирано, а секоја појава на спречување на работник кој е родител на дете до 10 години и за кое е неопходна домашна грижа да биде веднаш спречена, се вели во денешното соопштение од ССМ.

Оттаму истакнуваат дека ќе интервенираат за секоја добиена информација каде не се почитуваат препораките.

– Во услови на зголемена опасност од ширење на Ковид-19 (корона вирусот), предлагаме оваа мерка во делот на оправданото отсуство од работа во периодот предвиден со заклучоците и препораките од Владата, да биде регулирана и уредена со брзи измени и дополнувања на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и Општиот колективен договор за јавниот сектор во кои ќе биде предвидено дека работникот има право на платено отсуство во случаи кои ќе бидат утврдени од страна на Владата и Министерството за здравство со заклучоци, мерки и препораки и што ќе биде задолжителено за работниците и работодавачите од јавениот и приватениот сектор, велат од ССМ.