Во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) отворен е првиот Центар за медијација, по примерот на европските и земјите во светот, каде во рамки на коморите, функционираат Центри за медијација, со цел промовирање на принципот за пристап до правда за сите, како и исполнувањето на меѓународните стандарди, беше истакнато на денешната прес конференција на Сојузот.

Во Центарот, редовно ќе бидат одржувани предавања, презентации, работилници и обуки за претставниците од деловната заедница, што ќе сакаат да ја применуваат медијацијата како постапка во решавање на спор.

Претседателoт на Комора на медијатори, Славе Младеновски, рече дека првиот Центар за медијација во Скопје, претставува официјално места во кое медијаторот ќе врши запознавање на претставниците на јавниот и приватниот сектор, како и на граѓаните со медијацијата.

„Во соработка со Сојузот, дополнително и со општините, ќе отвориме вкупно 5 Центри за медијација и тоа во скопскиот, југозападниот, источниот, и северозападниот регион. Центрите очекуваме да бидат основни клетки преку кои граѓаните ќе бидат информирани за предностите на медијацијата во однос на судската постапка, за правилата како се спроведува медијацијата и за основните предности што им ги дава на страните што решиле спорот да го решат на ваков начин. Преку формирањето на центрите сакаме да им помогнеме на менаџерите на компаниите, менаџерите на јавните институции во културата, образованието, здравството, јавната администрација, да манифестираат ефективното и ефикасно управување со конфликтите меѓу нивните вработени и корисниците на нивните услуги, клиенти и деловни партнери“, истакна Младеновски и додаде дека во центрите како предавачи ќе бидат ангажирани медијатори од земјата и од странство, потоа универзитетски професори што работат во областа на медијацијата, стопанственици што имале лично искуство и ја негуваат медијацијата како постапка, како и други истакнати личности од различни области, како што се новинари, социолози, психолози, правници и граѓански активисти.

Потпретседателот на Сојузот, Александар Милошевски истакна дека Сојузот на стопански комори, спроведува низа активности во функција на подобрување и олеснување на работата на компаниите.

„Медијацијата може да се примени во имотно-правните спорови, трговските, работните, потрошувачките, осигурителните, споровите од областа на образованието, заштитата на животна средина, дискриминацијата. Во Сојузот членуваат компании од 8 регионални комори, поточно од целата држава, во таа насока, медијаторите што живеат во одреден регион ќе бидат ангажирани да посветат време за запознавање и информирање на сите заинтересирани лица за медијацијата. Со еден збор, сакаме да направиме медијацијата, покрај на централно ниво преку Центарот за медијација во Сојузот, да биде достапна и на локално ниво, што ќе значи дополнителна заштеда на време, средства и ресурси за компаниите кои делуваат локално“, изјави Милошевски и додаде дека непосредниот контакт меѓу медијаторите и заинтересираните деловни субјекти за медијацијата, позитивните примери од користењето на медијацијата ќе го зголеми нивото на користење во решавање на споровите наспроти долгите судски постапки.

Mедијацијата во одредени случаи, Законски е задолжителна пред поднесување тужба на суд. Така во стопанските спорови за парично побарување чија што вредност не надминува 1.000.000 денари, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. Комората на медијатори смета дека има можност за проширување на бројот на области каде медијацијата треба да биде задолжителна како на пример во потрошувачки и осигурителни спорови.

Комората на медијатори е формирана во 2017 година, согласно Законот за медијација во рамки на кој Министерството за правда како надлежен орган и доверува јавни овластувања заради организирање и застапување на медијаторите. Во Комората на медијатори членуваат единствено лиценцирани медијатори и како резултат на нивната работа и активностите на Комората, значително е пораснат бројот на решени спорови по пат на медијација.