За 3,27 милијарди денари или околу 50 милиони евра е намален изност на капиталните инвестиции со ребалансот на Буџетот усвоен на седница на Владата. Од претходно планираните 420 милиони евра, капиталните инвестиции со ребалансот се проектирани на 370 милиони евра, информираа премиерот Зоран Заев и министерката за финансии Нина Ангеловска.

Од капиталните инвестиции најмногу кратиме во железниците, и тоа во делот на кредитирањето, сопствените пари од Буџетот ги оставаме и износот е 1,982 милиони денари, 4,2 милиони евра кај водоснабдителните системи  од кредитот од ЕИБ, 583 милиони денари од парите за Коридор 10,  потоа од ставката на рурален развој, се кратат 130 милиони денари за хидросистемот Злетовица, 100 милиони денари од ТИРЗ, каде има заштеда – наведе Заев.

Кратење има и кај Министерството за образование и наука во износ од 157 милиони денари кај Универзитетот Мајка Тереза, каде се оставени 60 милиони денари за тоа што може да се реализира до крај на годината, како и 136 милиони денари за доизградбата на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, откако банкротираше Бетон Штип и беше поништен тендерот.

Нема да се реализираат и 46 милиони денари со проекти во средното образование, а има кратење и на реализацијата на планираните пари за болниците во Кичево и Штип.

Како што појасни министерката за финансии, дека поради слабата реализација на одредени капитални инвестиции за периодот јануари – август годинава од иницијално планираните 25,9 милијарди намалени се одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација. Тоа се воглавно проекти финансирани со кредити и тие пари се пренаменети.

Вкупните приходи со ребалансот на Буџетот се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228, 3 милијарди денари. Во овие рамки на планирање расходи и приходи, дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со основниот Буџет, односно истиот е со позициониран износ од 17,7 милијарди денари, односно 2,5 проценти од БДП.

Со ребалансот на Буџетот се издвоени 400 милиони денари за субвенционирање на растот на платите во приватниот сектор, 200 милиони денари за активни мерки за вработување, дополнителни средства за поддршка на земјоделството, 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, 193 милиони денари за заштита на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за исплата на поврат на ДДВ.

Ангеловска нагласи дека мерката за субвенционирање на придонесите за зголемување на платите на вработените до 6.000 денари ќе помогне на бизнисот за задржување на квалитетниот кадар и за мотивација на вработените. Ќе се применува од следниот месец, а ќе трае три години, односно до октомври 2022 година.

Преку спроведување на вистински фискални политики за кои јас лично ќе се залагам со преземање на оваа одговорна функција Владата има за цел да понуди подобри услуги кон граѓаните, да го поддржи стопанството  и бизнис секторот и сето тоа да резултира со подобар животен стандард и воопшто побар квалите на живот на граѓаните – рече Ангеловска.

Како што информираше Ангеловска, Буџетот е во одлична кондиција и има одлична наплата на приходите. Вкупните приходи во периодот јануари – август се реализирани во износ од 130,3 милијарди денари. Тоа е раст од 7,2 проценти во однос на истиот период лани и 61,8 прпценти во однос на планираните за 2019 година.