Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија одржа работна средба со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

По завршување на средбата, претставникот на Здружението, Андреа Серафимовски истакна дека имаат за цел подобрување на условите за работа на компаниите, подобрување на бизнисот, но и дека имаат општествена обврска да обезбедат вистински продукт за населението.

Со РЕК денеска разговаравме за Законот за градба и импликациите на греењето во истиот, примери и начини, се што е потребно крајниот корисник да се чувствува задоволен, а државата да воспостави ред при изготвување на одобренијата за градба – рече Серафимовски.

Тој потенцираше дека имале конструктивен состанок и заеднички да настапат при креирање на условите за затоплување во новиот Закон за градба и се надеваат дека ќе имаат заеднички успех. Затоа што квалитетот на живеење на граѓаните е нивна примарна цел, а според нив не локација, туку квалитетот треба да биде приоритет при купување на станбени единици.

Претседателот на РЕК, Марко Бислимовски по средбата рече дека со новиот Закон за градба бараат да се воспостави јасен ред во начинот на греење кај граѓаните на територијата на целата држава.

Најважно е што се договоривме овој Закон во иднина заеднички ќе го надградуваме се со цел да биде применлив и во пракса. Во понатамошниот период, Комисијата ќе огранизира заеднички состаноци со претставници на Комората, како и од ЗЕЛС, но и од Министерството за транспорт и врски – вели Бислимовски.

Претседателот на РКЕ потенцираше дека основна цел е на цела држава да се градат мрежи кои што ќе обезбедат многу почиста животна средина и кои што ќе бидат многу поенергетски ефикасни, а притоа цената на енергенсите ќе ги користат граѓаните да не им претставува значителен товар.

Со зголемен број на потрошувачи на системот за топлинска енергија, а се надевам и на диструбутивниот систем за природен гас ќе имаме поевтини цени за енергија за крајните корисници – додаде Бислимовски.

Одговорајќи на новинарско прашање, дали постојат информации колку згради се изградени и користат електрична енергија за затоплување и покрај тоа што имале можност да се приклучат на мрежата за парно греење, Бислимовски рече:

Според анализите кои ги добиваме од БЕГ, станува збор за околу 15-20 згради кои не прифаќаат да се приклучат на системот за парно греење, а тоа им го овозможува постоечката законска регулатива. Поради тоа ни е предлагаме да се промени во Законот овој дел и да бидат обврзани да се приклучуваат на системот за топлинска енергија, секако доколку тоа е предвидено. За да го поттикнеме приклучувањето, цената за приклучок по киловат од 3.160 денари ја намаливме на 2.000 денари.