Од денеска, 17 октомври, на масата на АД ЕСМ се наоѓа рамковен договор потпишан од страна на странска компанија, за набавка на гас по цена којашто е најмалку два пати пониска од таа што ја плаќаше ЕСМ за месец октомври.

Ова го изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Отвореното студио на Македонската телевизија, демантирајќи ги наводите дека понудите од компаниите чии контакти ги понуди тој, за набавка на гас и на мазут, не биле добри, изречени на денешниот брифинг на премиерот Димитар Ковачевски.

Странската компанија го испратила текстот на рамковниот договор за набака на гас на 9 октомври до АД ЕСМ и се очекувало одговорот од Скопје да стаса на 10 октомври. На 13 октомври АД ЕСМ побарала договор потпишан од страна на странската компанија и таков е доставен.

 

Што се однесува до мазутот, на масата е понуда за набавка на 150.000 тони мазут по берзанска цена минус 40 евра за 1 тон.

– На тој начин, цената ќе биде пониска за најмалку 80 евра за 1 тон од цената која сега ја плаќа владата за набавка на мазут – изјави Мицкоски и додаде дека јавноста од бриферот Ковачевски очекува коментар на овие бројки, зашто во случајот станува збор за можност да се заштедат неколку стотици милиони евра.