Алкалоид“ АД Скопје како една од најуспешните компании првпат доби финансиска помош од државата. Со оваа наша домашна компанија потпишавме Договор за финансиска поддршка за нов инвестициски проект на компанијата во времетраење од пет години и коn крајот на изминатата година на компанијата по овој основ и беа исплатени финансиски средства во висина од 35.292.916 денари.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев, кој заедно со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за здравство Венко Филипче и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на бизнис климата за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ денеска ја посетија фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје.

Посочи дека финансиската поддршка компанијата ја добила од Планот за економски раст со кој првпат ги изедначиле условите и критериумите за поддршка на инвестициите и конкурентноста на домашните и странските компании. Целта на посетата, како што нагласи, била да ги споделат информациите со менаџментот на „Алкалоид“ за значењето на финансиската поддршка од Планот за економски раст, за постигнатите резлтати што компанијата ги бележи и одблиску да се запознаат со производствените процеси и технологии што таа ги спроведува.

Додаде дека измината година компанијата реализирала 212 нови вработувања и инвестиции од над 17 милиони евра.

Анѓушев рече дека силната индустријализација во државата е шанса македонската економија да фати приклучок и да се изедначи со стандардот на останатите граѓани во Европа.

Посочи дека и годинава и преку Фондот за иновативност ќе бидат исплатени 14 милиони денари. – Како што компанијата „Алкалоид“ ќе ги уплаќа своите средства, така и Фондот за иновативност ќе ги следи инвестициските активности во „Алкалоид“, истакна Анѓушев.

Потенцира дека компанијата има постојан раст во економијата, во своите активности, а со тоа значително придонесува во економијата во Република Северна Македонија.

„Ова покажува дека водиме грижа и за домашните компании, покрај за странските директни инвестиции, за кои вчера слушнавте дека го достигнаа рекордот од над 624 милиони евра на годишно ниво, и над 311 милиони евра само во четвртиот квартал. Тоа се инвестиции што се 267 отсто над просекот од последните осум години. Тоа покажува дека со посветена, макотрпна работа, се постигнуваат резултати, и тоа покажува оти точно знаеме во кој правец ја водиме економијата на Република Северна Македонија“, подвлече вицепремиерот.

Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов рече дека компанијата 2018 година ја завршила со вкупни продажби од над 159 милиони евра и првпат ја надминале бројката од над 100 милиони евра извоз. Потенцира дека во последните 20 години инвестирале над 200 милиони евра и првпат од државата добиваат помош за тоа што го инвестираат во континуитет.

Посочи дека Договорот што го потпишале со државата од нивна страна значи дека треба во период од пет години да инвестираат над 50 милиони во нови погони, нова опрема, нови едукации за нашите вработени, а од друга страна врз база на она што го инвестираат доколку ги исполнат и останатите критериуми кои стојат во Договорот да можат годишно да сметаат на помош од државата која максимално би се ограничила на сума од околу еден милион евра.