Смртоносна болест на маслинките, којашто уништи милиони стебла во Италија, сега се шири и во Франција, каде што неодамна , на две маслинови дрва на југот од земјата била откриена бактеријата „Xylella fastidiosa“, позната како лепра на маслиновото дрво.

Оваа болест ги спречува стеблата да апсорбираат вода и за неа не постои лек или превентива.

За сериозноста на болеста говори и одлуката на надлежните да се исечат сите билки во дијаметар од четири километри за да се спречи ширење на болеста, пишува британски Гардијан.

Болеста, позната и како синдром на брзо пропаѓање на маслинките, напаѓа повеќе од 350 видови билки и е откриена во виноградите на Северна и Јужна Америка. Болеста ја пренесуваат инсекти коишто се хранат со соковите од билките и може да се проѓири на овошките, пред се на праски, крушки, сливи и ореви.

Европската организација за заштита на билките ја прогласи „Xylella fastidiosa“ за сериозна закана за европскиот регион. Минатата година, поради оваа болест, во Италија беа исечени повеќе од милион маслинови дрвца.