Вчера Владата на Република Македонија го промовираше т.н. петти пакет антикризни мерки. Предложени се 29 мерки. Веднаш да спомнам дека од лично искуство знам дека што е поголем бројот на мерките, толку е помала нивната ефикасност.Сепак, сметаме дека во моментов е потребна уште една мерка, триесетта на број но прва по важност, а тоа е сузбивање на пандемијата КОВИД 19 во што е можен покус рок во нашата земја! Во таа насока Владата требаше да се обврзе дека до крајот на јули оваа година ќе обезбеди вакцини за најмалку милион граѓани на Република Македонија, односно најмалку два милиони дози од истите. Без ова, попусто се трошат скапо позајмени пари од надвор, што ќе се враќаат со уште повисоки каматни стапки во иднина, изјави на денешна прес конференција, Трајко Славески член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Наместо ова, за да се сврти вниманието на јавноста од катастрофата што ни се случува со над 3.000 починати наши сограѓани заклучно со вчерашниот ден, повторно се наметнаа прашања околу етничкото пребројување и обележување! Ова мора да престане. Пописот мора да се одложи за во наредната 2022 година! Како одговор на економската криза предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, Владата на РМ во текот на 2020 година усвои четири пакета мерки за поддршка на економијата. Вкупниот обем на мерките изнесуваше околу 3,5% од БДП, што е трета најмала вредност во Европа. Од тоа, мерките со буџетски импликации изнесуваа 2% од БДП, додека мерките без директни буџетски импликации 1,5%од БДП, посочи тој.
Славески тврди дека и покрај превземените мерки, состојбите на пазарот на трудот во Република Македонија значително се влошија за време на пандемијата. Тој вели деа во вториот и третиот квартал заедно, бројот на вработени лица (според Анкетата за работна сила, што ја спроведува Државен завод за статистика) е намален за 25.545, односно за 3,1% од вкупниот број вработени.
– Влошувањето кај пазарот на труд во Република Македонија е поизразено отколку во другите европски земји.
Од земјите за кои има расположливи податоци за вториот и третиот квартал на 2020 година, само две имаат поголем пад на вработеноста отколку нашата земја. Во 2020 година, регистрирани се дури 54.000 нови невработени. Падот на Бруто домашниот производ во Вториот квартал од 2020 година е поразителен, иако нашата земја не спаѓа во групата земји во кои туризмот игра значајна улога во создавањето на БДП, како што се медитеранските земји, Хрватска и Грција на пример. Имено од 38 економии за колку што постојат податоци, 9 имаат повисок пад на БДП од РМ во вториот квартал на 2020 година, а 28 земји помал. Сега Владата конечно, по неколку месеци доцнење, го предлага петтиот пакет мерки со околу 90 милиони евра предвидени за директна буџетска поддршка на стопанството и на граѓаните. И овој пат, како и при промоцијата на претходните неколку пакет мерки, дел од мерките само се препишуваат од еден во друг пакет, без соодветна реализација, што укажува на нискиот капацитет на Владата за оценка на последиците од кризата и слабо таргетирање на мерките. Да потсетиме дека претходните четири пакети мерки требаше да тежат 1,2 милијарди евра, или 11% од БДП, но сепак реализацијата потфрли до тој степен што истите достигнуваат скромни 3,5% од БДП. Со еден збор, нема причина да не веруваме дека и овој пат со обемот на средства за поддршка на економијата, планирани и реализирани, ќе се најдеме на дното во Европа, вели Славески.
– Подеталната анализа на некои мерки упатува на следниве заклучоци:
Мерката број 1 за директна поддршка на претпријатијата за исплата на плати повторно како услов поставува пад на приходите од минимум 30%. Голем дел од претпријатијата во Република Македонија се приспособија на ново настанатата ситуација.
Ваквиот критериум можеби беше валиден во мај 2020 година но, сега би требало да се спушти на 15% пад на приходите во соодветниот период. Втората мерка за бескаматни кредити преку Развојната банка е за целна група која во изминатата година настрада најмногу. Им се забранува да користат субвенција на плата ако користат кредит од Развојната банка. На дел од овие дејности им се забрани да работат, како што се рестораните за свадби, а сега им ги покриваат делумно само трошоците. Што со останатите трошоци кои ги плаќаат (електрична енергија, вода комуналии и слично? Потребно е јасно прецизирање на ова. Во зависност од вкупниот поголем обем на работа и зголемената добивка компаниите ќе имаат можност да добијат скалесто неповратен дел од 30% до 50% од самиот кредит. Кој ќе одлучува за ова и според кој основ? Ке има ли јавно објавување на тоа кои компании ќе добијат неповратен дел на кредитот, прашува тој.
– Понатаму, занаетчиите треба да се помогнат со далеку поголем износ од предвидените 5.000 евра за оваа намена. Шестата мерка е за финансиската поддршка за граѓаните преку продолжување на мерката за одложување на плаќање на данок на личен доход до 30 јуни 2021 година. Вредноста на оваа мерка е 15 милиони денари, а целна група се самостојните вршители на дејност кои согласно Законот за данок на личен доход беа ослободени од плаќање на аконтации до 31 март 2021. Убедени сме дека е пологично е да се оди со намалување или даночно ослободување отколку целосно неплаќање за одреден период. Со одложувањето не се постигнува целта, туку само временски се поместува обврската. Ефект се постигнува ако обврската се намали за одреден процент, но мора да остане императивот за навремено плаќање на обврските за даноци. Мерката број 9 се однесува на скромни 5 милиони евра за гарантна шема преку МБПР. Неопходно е овој износ да се зголеми на барем 10 милиони евра. Зошто се намалува износот кога претходно беше поголем. Гарантната шема се појави во третиот четвртиот и сега во петтиот пакет на мерки. Мерка 12 која се однесува на финансиска поддршка на хотели надвор од туристичките центри кои не користеле ваучери треба да се прошири и за ресторани надвор од туристичките места, истакна Славески.
– Дека Владата при предлагањето мерки не размислува системски и долгорочно, ќе илустрираме на примерот на предвидената
поддршка на извозните компании (мерка бр. 13) и мерките 15, 16 и 17 кои се однесуваат на измени во царинската тарифа.
Кај поддршката на извозните компании не е понудена јасна методологија. Истата не е базирана на претходна анализа во
делот на адресираните проблеми со кои се соочува земјата и извозните домашни компании во делот на недоволната конкурентност и активност на странските пазари. Мерките 15 и 16 се веќе донесени и истите беа дел од 4-тиот пакет мерки. Се однесуваат на измените во царинската тарифа. Но и така како што се донесени има многу слабости, потенцира тој.
Славески е дециден дека изборот на автономните мерки за бришење или намалување на царинските стапки за конкретните производи или суровини е направен селективно без претходна детална анализа и посочува дека во таа насока, потребна е детална анализа на извозниот сектор и целосно редефинирање на царинската политика (нејзино усогласување со ЕУ).
– Мерката 17 за ревидирање на царинскиот тарифник требаше да биде спроведена многу порано за мерките во делот на поддршка на
извозните компании денес да бидат ефикасни. Како последна 29-та мерка во владиниот предлог е поддршката за дигитална трансформација на бизнисите кои имаат ниско ниво на дигитализација со цел побрза пост КОВИД ревитализација. Се прашуваме: кој ќе дефинира што е ниско ниво на дигитализација, а што е високо за едно претпријатие? Што е дигитална трансформација на едно претпријатие? Ставот е многу општ и остава простор за субјективност. Како што може да се заклучи од овој селективен избор на коментираните мерки на предложениот 5-ти пакет мерки, можеме да видиме дека се предлагаат мерки за замајување на јавноста, што нема да придонесе за подобрување на економската ситуација во Република Македонија. Ова е само купување на време од страна на Владата, додаде тој.
Comments are closed for this post.