На денешната 112-та седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за најавата од Европската Унија за воведување на конечни заштитни мерки за челични производи, соопшти Секторот за односи со јавноста.

Притоа, како што е соопштено, Секретаријатот за европски прашања е задолжен во координација со Министерството за економија, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Царинската управа и Кабинетот на ЗПВРМ за економски прашања, да го подготви барањето за консултации со Европската комисија и да го достави до Постојаната Мисија на РМ во Женева, најдоцна до 27.12.2018 година. Се наложува и да се организира средба со засегнатите компании од анти-дампинг постапката за челични производи отворена од страна на ЕУ, најдоцна до 20 јануари, 2019 година, за усогласување на решенија од воведувањето на заштитните мерки.

На оваа своја седница Владата на РМ ја разгледа и усвои Националната транспортна стратегија 2018 – 2030, како оперативен стратешки документ.

Владата на Република Македонија ја донесе и Одлуката за донесување на Енергетскиот биланс на Република Македонија за 2019, како индикативен плански документ кој ги утврдува потребите од вкупните количества на енергија, како и видовите енергија во Републиката и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети или од увоз.