Вкупно 45 компании денеска добија сертификат „Фер за потрошувачот“ за компании со јасно дефинирани правила за заштита на безбедноста и здравјето на потрошувачите, со фер пазарни практики и спогодбено решавање поплаки и спорови, како и кои ја штитат приватноста на потрошувачите и се грижат за влијанието на производите врз животната средина.

Сертификацијата на компаниите е финансирана од Европската Унија во рамки на проектот „Партнерство меѓу граѓанското општество и деловниот сектор – развивање иновативен модел за мобилизација на финансиски средства“, што го спроведуваат Организацијата на потрошувачите (ОПМ), ЗБК Креација и Асоцијацијата Зенит.

Министерот за економија Крешник Бектеши на доделувањето на сертификатот, истакна дека Министерството, како надлежно за заштита на потрошувачите ги следи практиките на ЕУ и предложило мерки и инструменти во Програмата за заштита на потрошувачите за период 2019-2020 година со кои се опфатени поголем број институции за поддршка на граѓанските организации за информирање, едукација, советување и алтернативно решавање на спорови со потрошувачите.

На овој начин Министерството ги спроведува своите законски надлежности, а тоа е јакнење на граѓанските организации да ги штитат правата на потрошувачите. Министерството за економија преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво издвои средства за поддршка на компаниите за доделување на сертификатот, развиен со финансиска поддршка од ЕУ, преку проектот „Партнерство меѓу граѓанското општество и деловниот сектор“. На овој начин ја поддржуваме одржливоста на моделот за соработка меѓу граѓанскиот и бизнис секторот кој се заснова на потребата за поттикнување и поддршка на бизнисите за подобрување на односот кон потрошувачите и јакнење на конкурентноста на компаниите, рече Бектеши.

Додаде дека со сертификацијата граѓанските организации влијаат претпријатијата да воведат практики за подобро почитување на правата на потрошувачите преку доброволно прифаќање на кодекс за фер однос кон нив и онлајн процедура за алтернативно решавање на споровите.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи, Маријана Лончар-Велкова, вели дека сертификацијата означува дека компаниите се грижат за производите, за услугите, дека имаат фер практики кон потрошувачите, односно дека се грижат потрошувачите да бидат задоволни, а исто така дека обрнуваат внимание на производите да не бидат штетни за животната средина.

Сертификатот се издава од сертификациско тело кое е креирано од трите организации (Организацијата на потрошувачите (ОПМ), ЗБК Креација и Асоцијацијата Зенит) со повеќегодишно искуство при заштита на потрошувачите и унапредување на конкурентноста на македонската економија.

Цената за сертификација е формирана според големината на компанијата. Министерството за економија преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво надоместува 50 отсто од трошоците за сертификација на за мали и средни претпријатија.