Прогласените 154 работници за технолошки вишок од приелпската наменска фабрика „Еурокомпозит“ денеска протестираа пред фабриката за недобиените, а договорени пари за отпремнини. Велат се чувствуваат измамени и понижени од раководството на „Еурокомпозит“ кое не се држи до договореното за исплтата на дел од отпремнините.
Според Пецо Велјаноски, прогласен за технолошки вишок, раководството го погази договореното и од барем 25.000 денари за секој работник што е технолошки вишок, сега ќе добијат по околу 8.000 денари.
Се чувствуваме измамени, понижени и онеправдани од раководството на „Еурокомпозит“. Се согласивме дека првиот договор не може да се исполни, односно дека немаше средства, како што ни објасни генералниот директор, до 30 ноември да бидат исплатени по 50.000 денари од отпремнината за секој прогласен технолошки вишок. До вчера, 25 декември, според новиот договор, требаше да ни се исплатат по 25.000 денари, но и тоа отпадна, па добивме најава дека може да добиеме по 8.000 до 10.000 денари, а по 17.000 денари до крајот на јануари наредната година. Сега револтот кај работниците е голем. Се чувствуваме излажани, навредени, објаснува Велјаноски.
Велјаноски нагласува дека од септември немаат земено и плата. Апелира до вВадата за помош во ситуацијата.
Апелираме до Владата да ни излезе во пресрет, овие два-три дена да се најде решение барем пристоен дел од отпремнината да добиеме пред празниците, зашто не знам, што да се прави. Сите сме со повеќе од 30 години стаж и работа во фабриката, а сега нашето достоинство е згазено, немаме пари за празниците, изјави Велјаноски, најавувајќи нов протест по новогодишните празниците.
Прогласените 154 работници за технолошки вишок во просек треба да добијат по околу 100.000 денари отпремнини. Освен тоа, имаат побарувања и за неисплатени придонеси за 6,5 години, но се согласија да чекаат инвеститор кој ќе ги подмири побарувањата.
Во „Еурокомпозит“ на работа останаа помалку од 100 вработени.
Comments are closed for this post.