Светот ќе доживее големи турбуленции како резултат на нелогичните потези на западните земји, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Најверојатно, почнува огромна глобална бура, предупреди Песков во интервју за Тасс во понеделникот.

„На многу начини, постојат објективни причини за тоа, но има и субјективни причини за оваа бура што почнува, кои се поврзани со апсолутно нелогични и често апсурдни одлуки и постапки на властите во САД, Европа, ЕУ и одделни европски земји“, рече тој.

Санкциите наметнати од САД, ЕУ и некои други нации на Русија поради нејзината инвазија во Украина предизвикаа скок на цените на енергијата и рекордна инфлација на Западот.

Во оваа ситуација, Русија „сè уште успева да ја одржи макроекономската стабилност. За да се постигне тоа, се спроведува мошне интензивна, промислена и доследна работа, истакна Песков.

Како што вештачки се воведуваат рестрикции на Запад, така трговските и економските односи (на Русија) разбирливо почнуваат да се фокусираат повеќе на Исток“, додаде тој.

Сепак, прес-секретарот на Кремљ, кој зборуваше на почетокот на Источниот економски форум во Владивосток, инсистираше дека „е целосно неправедно да се каже дека токму сега се свртевме кон Истокот… азиско-пацифичкиот регион отсекогаш бил многу важна компонента за трговските и економските односи, и енергетскиот дијалог и други области“.

Фајненшл тајмс, пак, денеска објави дека Русија се заканила дека испораките на руски гас во Европа преку гасоводот Северен тек 1 нема да продолжат во целост додека „колективниот Запад“ не ги укине санкциите кон Москва.

Песков, вели ФТ, ги обвини санкциите од ЕУ, Велика Британија и Канада за неуспехот на Русија да испорача гас преку клучниот гасовод, кој испорачува гас до Германија од Санкт Петербург преку Балтичко Море.

Проблемите со пумпањето гас настанаа поради санкциите што западните земји ги воведоа против нашата земја и неколку компании, рече Песков, цитиран од новинската агенција Интерфакс. „Нема други причини што би можеле да го предизвикаат овој проблем со пумпањето“.

Коментарите на Песков беа најострото барање досега од страна на Кремљ ЕУ да ги повлече своите санкции во замена Русија да продолжи со испораките на гас на континентот, вели Фајненшл тајмс.