Раководителите на деловните субјекти во трговијата на големо оценуваат дека економската состојба во третото тромесечје од оваа година е понеповолна во однос на претходното и во однос на третото тромесечје од минатата година, објави Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци се очекува економската состојба во овие претпријатија да биде понеповолна и во наредните две тримесечја

 Количеството на залихи е зголемено во однос на претходното тримесечје. Финансиската состојба во третото тримесечје од 2018 година е понеповолна во однос на второто тримесечје од 2018 година, оценката за очекуваните порачки за наредниот период е поповолнa, а очекувањата за бројот на вработените се дека тој ќе се намали, наведуваат од Државниот завод за статистика.

Продажните цени во третото тримесечје од 2018 година се зголемиле во однос на претходното, а се очекува нивно зголемување и во наредните три месеци.

Најголемо влијание врз ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на третото тримесечје од 2018 година имале слабата побарувачка од купувачите со 22,8 отсто, зголемената конкуренција на пазарот со 19,1 отсто, недостигот на обучен кадар со 15,5 отсто и зголемената понуда на пазарот со 14 отсто.

Неповолни и очекувањата во градежниот сектор 

Очекувањата на раководителите на компаниите од областа на градежништвото за вкупните порачки (договори) за градежните работи се понеповолни во третото тримесечје, а се очекува и намалување на бројот на вработени. Според информациите од Државниот завод за статистика, во наредниот период се очекува да се зголемат продажните цени, а бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата се над нормалата.

Најголемо влијание врз ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат зголемените трошоци за материјали со 22,4 отсто, немањето побарувачка со 20,3 проценти, конкуренцијата во сопствениот сектор со 13,8 и недостигот на обучен кадар со 12,1 процент.
Оценката за економската состојба во третото тримесечје од годинава е поповолна во однос на претходното тримесечје, а е поповолна и во однос на третото тримесечје од 2017 година.