Не стивнуваат негативните реакции од бизнис секторот, за воведувањето на прогресивниот данок, иако премиерот Заев денеска беше категоричен и изјави дека владата нема да отстапи од негово имплементирање.

Новините наидоа на негодување од речиси сите страни, од мали до големи стопански комори, од бизнисмени, поранешни министри за финансии, универзитетски професори и економисти.Сите се категорични дека на овој начин се заканува затајување на данок, раст на сивата економија, иселување на високостручните кадри, намалување на платите, застој на инвестициите.

Според бизнисменот Венко Глигоров, на овој начин  се накосрежуваат само оние кои имаат малку поголеми примања и професионалците кои останале во земјава за да работат за странски пазари.

Целта на секоја реформа се прави за да се подобрат работите во одредена област. Со даночната реформа и како и да се вика се накострешуваат само оние кои имаат малку поголеми примања и професионалците кои останале во Македонија  за да работат за странски пазари. Ефектот како што кажуваат е 25 милиони евра. Па тие пари можеа да ги земат од било кој криминалец во државата, тоа за нив е како џепарац. Наместо да доживеат ерупција од одушевување … До талентот ли е или до криминалниот ум и на оваа власт, се прашувам! напиша бизнисменот Венко Глигоров на својот ФБ профил.

Со новиот предлог-законот за данок на личен доход  се воведува прогресивен наместо рамен данок. Тој предвидува поделба на доходот на две групи – доход од труд и доход од капитал. За доходот од труд како плати, пензии, договори за дело, доход од авторски права, доход од самостојна дејност се воведува прогресивност, односно дополнителна стапка од 18 отсто за даночната основа, која надминува 90.000 денари месечно.

Најпогоден  од даночната реформа очекувано е  ИТ секторот. Од МАСИТ алармираат дека оваа реформа ќе поттикне даночно затајување и ќе го продлабочи јазот меѓу богатите и сиромашните. Реформата ќе доведе до несигурност и кај домашните компании и кај странските инвеститори и нема да оди во линија на подобрување на социјалната еднаквост, туку ќе оди во насока на целосно намалување на продуктивноста, вработливоста и развојот на квалификации, е ставот на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии

Воедно предупредуваат дека прогресивното оданочување ќе доведе до одлив на кадри, особено од ИТ секторот кои се дефицитарни.

Со предложеното оданочување се дестимулира развојот на висококвалификуваните кадри. Зголемувањето на данокот на личен доход најмногу ќе ги погоди оние кои вложувале во сопствениот професионален развој и ќе испрати порака дека квалификуваноста е неисплатлива, со што ќе се отстрани стимулот за развој на способности и квалификации. Наместо фискален ефект, ќе се добие ефектот на даночна непослушност и ќе биде главен двигател на сивата економија. Нискиот степен на задоволство кај обврзниците за начинот на кој прибраните средства се користат ќе донесе до зголемување на даноците ќе доведе до изнаоѓање дополнителни и креативни начини за даночна евазија, велат од МАСИТ.

Комората потсетува дека откако министерот за финансии Тевдовски ги најави даночните реформи, бизнис секторот побара нивно одложување.

Застануваме зад својот став, во одбрана на создавање подобри услови за работа на бизнис заедницата, посебно на ИКТ секторот и во таа насока повторно бараме одложување на даночните реформи. За да се донесе соодветно решение на вака комплицирана и деликатна тема, претходно требаше да се направат сите напори од страна на државата да се слушне ставот на бизнис заедницата и да се најде соодветно решение, да се земат позитивните примери од другите земји во развој со потпомагање на ИКТ секторот и воопшто бизнис индустријата, наведува МАСИТ.

Со законот се предвидува и оданочување на доходот од капитал (закуп и подзакуп, дивиденди, капитални добивки, добивки од игри на среќа) и другиот доход со единствена стапка од 15 отсто.

Оваа даночна реформа ќе значи реформа за осиромашување на граѓаните, категоричен е Александар Николовски од ВМРО ДПМНЕ. Тој во емисијата “Само вистина“ на Канал 5 ТВ, истакна дека на овој начин ќе се стимулира сивата економија и  дека очигледно министерот за финансии и тимот околу него немаат работено во реален сектор и не знаат како се заработуваат парите, рече Николовски.

Но,  тука не застануваат, има зголемување од 10 на 15%, на данокот за сите оние кои што издаваат стан, или дуќан под кирија. Значи за 50 % зголемување на данокот за приходи кои ги добивате од кирија.  Понатаму, од 01.01 2020 година , за прв пат во Македонија ќе бидат одданочувани заштедите, односно депозитите кои граѓаните ги имаат во банките со 15%. Никогаш досега ни во поранешна Југославија ,ни во  самостојна Македонија не се одданочувале заштедите затоа што тоа е нешто што граѓаните се обидуваат да го скратат од себе и да си скратат од лебот за да стават во банка.  И финално кај игрите на среќа каде исто така се зголемува данокот од 10 на 15 %. Кога ќе уплаќате следно ливче на спортска ќе бидат одданочени за 50 % плус од ова што е сега. И не се работи за 1 % од населението, туку според наша проценка со овие мерки се опфатени  40% од населението. Она што треба да го знае власта е дека зголемени даноци носат помали приходи во буџетот и стимулирање на сива економија, вели Николовски.

Николовски вели дека со вакви законски решенија на државата и се  заканува одлив на мозоци, како ИТ, електро и машински инженери, доктори, а пак со зголемување на придонесите за пензиско директно се удира врз младите луѓе во земјава

“Има зголемување на придонесите за пензиско од 1 % , но кога ке пресметате на платите тоа не е малку. Второ се удира директно по младите . Зошто? За сите оние кои што се родени до 67 година им се дава право да го напуштат вториот столб и да се вратат во првиот столб , сите до 67 ќе го напуштат вториот столб, тоа значи дека вториот столб ќе ослабе и тоа значи дека помладите кои се родени после 67 година , ќе имаат пониски пензии затоа што ќе бидат осигурани во столб кој што е ослабен , односно столб кој ке има помали приходи . Удираат по помладата генерација која ќе има пониски пензии во иднина“ истакна Николовски

Премиерот Зоран Заев денеска одговори дека нема отстапување од прогресивниот данок

Не, јас мислам дека отстапивме. Ние ја направивме нашата отстапка. Од 1.000 евра отстапивме на 1.500 евра. Имаше дебата, има многу земји што имаат 3 стапки, еве ги измеривме моделите, видовме каде во кои земји какви резултати даваат, притоа тие земји да бидат слични по структура како Република Македонија, и ние ја направивме отстапката. Јас апелирам сите да имаме разбирање и да покажеме солидарност на дело.,рече Заев.

Со новата регулатива се воведува и оданочување на капиталните добивки од хартии од вредност и на каматите од орочени депозити со стапка од 15 отсто, со одложена примена од почетокот на 2020 година. На доход од камати до 250 евра годишно, нема да се плаќа данок. Воведувањето ваков данок може да го дестимулира штедењето во банките, што е удар за банкарскиот сектор, чиј главен извор на финансии се штедните влогови. Со новиот закон се предвидува и оданочување на доход од осигурување.