Владата го продолжува  проектот  од  претходната влада „Купи куќа, купи стан“, но  со  изменети услови. Најголема новина и поволност за граѓаните е  намалување на каматните стапки, информираше денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

Каматните стапки за првиот модел, во кој државата субвенционира дел од месечната рата, ги намалуваме од 3,95% на 2,9% за првите 3 години. За четвртата и петата година каматите ги намалуваме од 4,44% на 3,9%. Ова се во моментот најниски каматни стапки за станбен кредит на пазарот. Намалувањето на каматните стапки значи сериозна заштеда за граѓаните. На пример, за кредит од 50.000 евра, само по основ на камати граѓаните ќе заштедат 1.300 евра- рече Тевдовски.

Министерот за финансии истакна дека се намалува и каматната стапка за моделот „Учество“. Имено наместо досегашната стапка од 4,5% + 6-месечен Еурибор, со измените каматата ќе биде 4% + 6-месечен Еурибор. Инаку оваа камата важи за цело времетраење на исплата на кредитот. Се предлагаат и нови модели на субвенционирање кои ќе обезбедат подобри услови, особено за младите.

Претседателот на Македонската банкарска асоцијација Коста Митровски ги поздрави измените и подобрувањето на условите во проектот. Тој ги повика банките кои не се вклучени во проектот, бидејќи на тој начин ќе се обезбедат подобри услуги за граѓаните.

Граѓаните ќе можат да аплицираат под новите услови за субвенции кога законските измени ќе се изгласаат во собранието.

Истовремено, и пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ предлага измени кои предвидуваат државата да ги помага граѓаните 8, а не 5 години, како и ограничување на висината на каматите за да се заштитат граѓаните.

Каматната стапка да изнесува не повеќе од 0,8 процентни поени од основната каматна стапка, наместо моменталните 3,95 % за првите три години од отплатата на кредитот и не повеќе од 1,3 процентни поени од основната каматна стапка на НБРМ наместо 4,44 % за четвртата, петтата и шестата година од отплатата. Во моментов основната каматна стапка на НБРМ изнесува 2,5 процентни поени. Каматната стапка по завршување на првите шест години нема да биде повисока од шестмесечен ЕУРИБОР + 5 процентни поени. Државата би субвенционирала 60 % од ратата во првите 5 години и 30 % од ратата во наредните три години

И покрај тоа што од ВМРО-ДПМНЕ ќе побараат цената на станот да може да надмине 900 евра за метар квадратен, за да се спречи лажно прикажување на цената на атрактивни локации, Тевдовски останува на овој праг и ја ограничува големината на становите и куќите на 150 квадрати. Вели дека и сите корисници на кредитот можат да добијат едногодишна субвенција од 30% од ратата за секое родено или посвоено дете. За лицата над 35 години што ќе купат куќа преку овој проект, државата ќе субвенционира 80% од учеството и ист процент од месечната рата во период од 5 години. Засега само 8 банки нудат кредити во рамки на овој проект.