Не запираат општинските вработувања. Во моментов преку Агенцијата за администрација отворени се огласи за вкупно 113 работни позиции, од кои над половина се на локалната власт. 12 општини вработуваат вкупно 61 лице. Најнови се општинските огласи во Куманово, Желино и Кисела Вода. Најмногу работници бара Куманово, 12 лица за плата од 20.700 до 37.600 денари. Градоначалникот најави дека ќе следува уште еден оглас но, вели дека станува збор за веќе предвидени вработувања во годишниот план.

Тоа е редовен оглас кој што го имаме секоја година во општината согласно годишниот план за вработување во општината и за пополнување работни места кои што се неопходни за функционирање на општината во делот на општинската администрација и услугите кои што истата ги дава. Во делот на склучување договор на определено време, општината склучува договори доколку за одредена позиција има нужна потреба од извршување на таа функција од страна на давател на услуга или работа, вработен, со траење од една година. Овде се работи за конкурси кои што се отвараат за вработување на неопределено време, вели Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.

Предводник со вработувањата е општина Струга, каде се бараат 24 работници за плата од 15.500, па дури до 40.000 денари, што всушност претставува и највисока плата од сите активни огласи во јавниот сектор во моментов.
Покрај локалната, вработува и централната власт и нејзините институции.
Огласи има и во образованието и во здравството, но не се бара стручен кадар, туку административни работни.
Премиерот вели дека не се трошат дополнителни буџетски пари за нови вработувања.