Прилепската компанија со странски капитал „Мермерен комбинат“, годинава ќе ја заврши со експлоатација на 30.000 метри кубни мермер и производство на близу 70.000 метри квадратни мермерни плочи наменети за светскиот пазар, каде прилепскиот бел мермер се уште е најбаран истакна директорот на „Мермерен комбинат“ Периклес Николау на денешната средба со локалните власти во Прилеп, посочувајќи дека сега се испорачува мермер за Катар за Олимписките игри.
Во „Мермерен комбинат“ има 380 вработени лица. Прв приоритет е безбедноста на вработените кои имаат плати за 20 отсто повисоки од просечната плата во Македонија. Годишно инвестираме три до четири милиона евра за нови машини и за обука на вработените. Нашата цел е континуиран раст на компанијата и во производството. Имаме синергија со компанијата „Павлидис“, светски позната во бизнисот со мермер, нагласи Николау.
Истакна дека важен фактор за развојот е одличната соработка со Општина Прилеп.
Годинава ќе имаме експлоатација на мермер од 30.000 метри кубни од рудникот „Сивец“ и ќе произведеме околу 60.00 до 70.000 метри квадратни мермерни плочи за пласман главно во Катар, САД, Шпанија, Грција и во Кина, како и во други места во светот, бидејќи прилепскиот бел мермер е најпознат и најбаран на светскиот пазар, изјави Николау.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски изјави дека посетата на една од најуспешните компании е дел од работните средби на локалната власт со прилепските компании, нагласувајќи дека имаат остварено одлична сдоработка, како и дека „Мермерен комбинат“ е општенствено одговорна компанија што и помага на прилепската и македонската заедница.
Резервите на мермер во рудникот „Сивец“ се за над 100 години, а компанијата котира на атинската берза со околу 10 проценти од акциите на „Мармерен комбинат“.
Comments are closed for this post.