Промените во законите за даночната легислатива генерално повлекуваат потреба од промена на даночните обрасци, но овие промени во обрасците, правилниците и останатите поврзани подзаконски акти мора да се носат паралелно и истовремено со самите законски измени и да се остави период од најмалку шест месеци до нивната ефективна имплементација во пракса, за компаниите да имаат доволно долг период да се прилагодат на промените, а сметководителите и советниците да ги проучат импликациите на промените врз нивното работење, реагира Комората на сметководители во врска со реакцијата на Министерството за финансии испратена по одржаната прес конференција на сметководителите.
Комората појаснува дека завршните сметки се поднесуваат од 1 јануари до 15 март во тековната за претходната година, што може да предизвика дополнителни проблеми кај даночните обврзници, бидејќи брзите промени на даночното законодавство можат да иницираат ненамерни грешки кај даночните обврзници кои потоа скапо ќе ги чинат и ќе плаќаат глоби поради ова загрозување на правната сигурност.
– Како и за многу други мерки, и за овие штетноста од нивното воведување ќе ја почувствуваат компаниите, а направената штета ќе треба некој со одговорност да ја надомести. Измените на образецот Даночен биланс стапија во сила по нивното објавување во Службен весник број 6 од 10.01.2020 година или поточно годинава кога е веќе почнато поднесувањето на завршните сметки за 2019 година. Ретроактивно да се носи акт даночна евиденција и известување за година која е измината е невидено и директно ја загрозува правната сигурност во Македонија, наведува ССК.
Во однос на забелешката за зголемувањето на ослободувањето на пратките од плаќање царина до 90 евра, сметководителите сметаат дека не е исполнет основниот предуслов за системско решение со кое ќе се утврди каде оди стоката што се увезува со електронска трговија без царина. Додека се чека воспоставување таков систем, додаваат, оштетени од оваа новина ќе бидат малите трговци и увозници кои плаќаат данок и царина, што беше истакнато и вчерашната прес-конференција.
– Препораката на ЕУ се однесува на увоз за лична употреба, со што мора да се достави директно до познат краен корисник, а кај нас како што наведовме нема систем каде оди стоката. Дополнително, едно е тоа што граѓаните си носат од патување во износ до 350 евра и се знае кој го пренесува и таа сума е за предмети за лична употреба што е регулирано со акт и за 350 евра, доколку се обиде некој да помине низ граница за продажба или комерцијална употреба, а не лична повторно е должен со позитивните прописи да плати царина. Тоа со новите измени за електронски пратки не е случај и се стимулира уништување на трговците и увозниците што плаќаат царина, со дозволување на системски неконтролирана е-трговија од странски земји. Како што наведоа и МФ во нивната реакција систем се уште нема, туку се работи на негово поставување, се наведува во соопштението.
Во врска со реакцијата на Министерството дека се преземаат мерки, а се работи и на акциски план за препродавањето производи за да се адресираат сивата економија и нелојалната конкуренција, вклучувајќи ја и е-трговијата, сметководителите предочуваат дека, штом е така, и законските измени требало да се донесат со одложена примена додека се воспостави тој систем, „а не да се оштетат илјадници лица кои работат и плаќаат царини при увоз.
Comments are closed for this post.