За десет проценти повисоки плати за докторите специјалисти, пет проценти повисоки плати за администрацијата, предвидува предлог Буџетот за 2019 година што денеска го презентираше Министерството за финансии, Драган Тевдовски, пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите.
Зголемување на платите за пет проценти од септември догодина предвидени се и за просветните работници, одбраната, културата, полицијата и правосудството.
Вкупните приходи во државната каса за 2019 година се проектирани на 3,4 милијарди евра, а вкупните расходи на 3,7 милијарди што е зголемување за 8,8 отсто споредено со годинава.
Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а стапката на инфлација на 2 проценти. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти.
Капиталните инвестиции кои поради слабата реализација годинава беа скратени за скоро 100 милиони евра, догодина се планирани на 418 милиони евра што е зголемување за 6,6 отсто.
Постојано Министерството за финансии прави притисок на сите институции коишто имаат вакви проекти да ги реализираат. Многупати тие се соочуваат со огромни проблеми како проектни документации и добро е што во моментов голем дел од таквите проблеми се решени кај големите проекти и очекуваме дека ќе забрза реализацијата на капиталните инвестиции, рече Тевдовски, одговарајќи на прашање каков ќе биде механизамот којшто ќе се примени за капиталните инвестиции да бидат целосно реализирани.
Од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) предупредија дека доколку не се мотивираат вработените во образованието, државата ќе се соочи и со одлив на високообразовни кадри од областа на образованието.
Севкупно предложените 5 проценти за овие дејности, образование, како и дејноста детска заштита воопшто не соодејствуваат со вистинските потреби со социјалниот статус на вработените што работат“, изјави Јаким Неделков, Независен синдикат на образование.
Во предлог-буџетот за следната година проектирани се 460 милиони евра за плати во администрацијата, додека за пензии 917 милиони. За покривање на дупката во фондот за ПИОМ догодина се предвидени 457 милиони евра, што е за околу 20 милиони евра помалку од годинава.
Повеќе пари се предвидени за реформите во социјалната и детската заштита и пензискиот систем, како и средства за воведување „зелена нафта“ во земјоделството.
Се очекува стапката на невработеност да се намали на околу 20%, а номиналната нето плата да порасне за 4,5% во 2019 година.
Comments are closed for this post.