Проверете ги своите годишни даночни пријави. Управата за јавни приходи (УЈП) ја информира јавноста дека започнале со активноста за генерирање и доставување на претпополнетите Годишни даночни пријави за 2020 година за утврдување на данок на личен доход, информираат од УЈП.

Тие ги повикуваат регистрираните корисници на системот „е-ПДД“ да извршат увид во Годишната даночна пријава за 2020 година преку корисничките профили.

„Граѓаните може да ја потврдат или коригираат Годишната даночна пријава за 2020 година, најдоцна до истекот на крајниот рок 31.05.2021 година“, информираат од УЈП.

По истекот на законскиот рок на 1 јуни, Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, согласно последниот статус на Годишната даночна пријава – потврдена или коригирана, а службено ќе бидат потврдени и оние Годишни даночни пријави, кои од страна на физичко лице не се ниту потврдени, ниту коригирани.

Годишната даночна пријава за 2020 година која граѓанинот ја коригирал, а добила статус на конечна даночна пријава, ќе биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи.

Доколку службеното лице не ја одобри пријавата, ќе следи донесување на Решение за утврдување на данокот на личен доход за 2020 година.