Светските цени на храната се намалија минатиот месец во споредба со август, при што регистрирани се само повисоки цени на шеќерот. Тоа го соопшти Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).
Во однос на Македонија, ако се споредуваат цените на храната во септември годинава во однос на август, слични податоци објави и Државниот завод за статистика. Трошоците на живот во септември 2018 година во однос на претходниот месец биле намалени за 0, 1%, а цените на мало за 0, 7% .
Но, лоша вест за граѓаните е тоа што на годишно ниво цените на мало растат. Доколку се споредат цените на мало во септември 2018 во однос на септември 2017, има зголемување.
Индексот на трошоците на животот во септември 2018 година, во споредба со септември 2017 година, забележа пораст од 1.5 %, а индексот на цените на мало забележа пораст за 2.6 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во однос на споредбата на цените во септември годинава во однос на август, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, замрзнатото овошје, конзервираното овошје, рибата и морските плодови, млекото.
Во септември 2018 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата , средствата за чистење и одржување на станот , мебелот за домаќинствата , угостителските услуги, телефон, услугите за лична хигиена.
Намалување на индексите на трошоците на животот во септември 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје, другите прехранбени производи, сирењето и урдата, маслото и маснотиите, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук , компирот и другите коренести плодови.
Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници и услугите за сместување.
Последниот податок за потрошувачка кошница пак, изготвен од Сојузот на синдикати на Македонија, објавен во февруари покажува дека на едно четиричлено семејство во Македонија му биле потребни 32.383 денари за основните месечни потреби.Нејзината вредност е зголемена била во споредба со јануари кога изнесувала 32.354 денари.
Comments are closed for this post.