Економскиот раст во земјава треба да биде повисок, но не е само квантитативен, туку одржлив, инклузивен и „паметен“ раст – базиран на нови технологии и иновации, посочи специјалниот советник за економија на Владата на Германија, Валтер Дефа, на денешната конференција за почеток на Програмата за економски реформи 2020-2022.
Еден од клучните приоритети во реформите треба да биде зголемување на продуктивноста и конкурентноста во домашниот приватен сектор со подобро интегрирање на домашните фирми во глобалниот синџир на вредности. Врските со високо продуктивните странски инвестиции и домашните компании треба да се зацврстат. Ова ќе им овозможи на домашните фирми да се модернизираат, да користат модерни технологии, менаџмент практики, маркетинг, финансии и менаџмент на човечки ресури. Со тоа ќе се засили трансформацијата на структурата на економијата кон производство со повисока додадена вредност и поквалитетни работни места, рече Дефа.
Министерот за финансии Драган Тевдовски, пак истакна дека земјава забележува најдобри резултати во спроведувањето на мерките од Програмата за економски реформи во споредба со другите земји од процесот, согласно оценките на програмите од страна на Европската комисија.
Членството во ЕУ е јасен приоритет на Владата. Тоа се гледа и од спроведувањето на мерките од Програмата за економски реформи. За споредба, откако започна да се подготвува Програмата, до 2017 година, реализацијата на препораките од заедничките заклучоци, беше доста ниска. Постојано беше посочувано дека земјата нема стратегија за реформи во јавните финансии, недоволна транспарентност во јавните финансии, честа промена на законите и некористење на алатката ЕНЕР за консулатции со јавноста по предлог закони, како и непреземање на активности во однос на неформалната економија-рече Тевдовски.
Тој посочи дека со последните две Програми за економски реформи, поконкретно Програмата 2018 и Програмата 2019, направен е целосен пресврт во поставување и реализација на мерките.
По првпат имаме јасна и кредибилна Стратегија за реформи во јавните финансии, значително е подобрена транспарентноста во јавните финансии. Стабилизирано е нивото на јавниот долг. Започна отплатата на доспеани неплатени обврски на јавниот сектор. Редовно се користи алатката ЕНЕР за консулатции со јавноста по предлог закони. За прв пат е донесена Стратегија за формализација на неформалната економија и веќе имаме спроведено активности предвидени со Акцискиот план 2018-2020 – рече Тевдовски.
Comments are closed for this post.