Сите фармери кои набавиле пчелни матици, нерези или назимки од 1 јануари до 30 септември годинава, од денеска ќе можат да поднесуваат барања за финансиска поддршка за мерката 121 – „Инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства“.
Право на поддршка од оваа мерка имаат сите регистрирани земјоделски стопанства, но не и оние што досега користеле финансиска поддршка за набавка на трактори преку ИПАРД Програмата и националните програми за рурален развој во претходните пет години.
Како што вели директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, за оние фармери кои набавиле пчелни матици од одобрени одгледувалишта, максималната вредност на прифатливите инвестиции по корисник е 600.000 денари. Поддршка, пак, од 6.500.000 денари по корисник ќе може да добијат сите фармери кои набавиле педигрирани чистокрвни или хибридни свињи, нерези и назимки од увоз или од признати организации.
Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 проценти од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. Кофинансирањето се зголемува ако се работи за инвестиции на земјоделско стопанство чиј носител е млад земјоделец до 55 отсто, за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство до 60 проценти, за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство кога носителот на инвестицијата е млад земјоделец 65 отсто, како и за инвестиции во недостапни рурални заедници 75 проценти, нагласува Бабовски.
Барањата се поднесуваат електронски по извршена регистрација на веб-страницата на Агенцијата, во делот e-baranje.ipardpa.gov.mk. Оние што не се поднесени електронски на e-baranje.ipardpa.gov.mk нема да се разгледуваат. Барањата, пак, со ист број бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување.
Comments are closed for this post.