Во текот на 2018 година официјалната статистика регистрирала 846 повреди на работните места во земјава. Од Македонското здружение за заштита при работа, (МЗЗПР), пак, истакнуваат дека оваа статистика во голем дел се разликува од статистиката што тие ја имаат во однос на повреди на работни места и оти нив ги има во многи поголем број, а особено, како што велат, во однос на бројот на смртни последици. Според нив, по еден човек неделно во земјава умира на работното место.

Како што беше речено денеска на шестата сесија на Работната група 2 (Социјална политика и вработување – Поглавје 19) од Националната конвенција за ЕУ во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), освен повредите и смртните случаи на работните места, проблем се и професионалните заболувања за кои, како што велат од МЗЗПР, никој не прави соодветна анализа. Учесниците на оваа сесија се согласни во ставот дека за надминување на ваквите состојби, освен законската регулатива, е потребна и нејзина целосна примена, ангажирање на сите експерти од оваа област при изготвување на проценката на ризик, но социјален дијалог со вклучување на сите засегнати страни.

Државниот секретар во МТСП, Јована Тренчевска, која ги соопшти бројките од Институтот за јавно здравје, појасни дека од официјално заведените повреди, најмногу и натаму се во индустријата и рударството. Од повредите, во 58 отсто слулаи се повреди на мажи, а најголем дел од сите повреди се случиле на работни места во компании во Скопје.

Спречувањето на вакви ситуации, намалување на можностите за настанување на несреќи, намалување на ризиците, спречување или намалување на влијанието на штетностите и опасностите со кои се соочуваат или доаѓаат во допир работниците при нивната работа е нешто на кое сите ние претставници на институции, работодавачи и синдикати, здруженија… мора заедно и координирано и поинтензивно да работиме, рече Тренчевска.

Тоа, додаде, е особено значајно сега во време на промени глобално и локално, промени кои неизбежно ја менуваат работата, работните места, условите и формите на работа.

Претседателот на МССПР Милан Петковски истакна дека состојбите во земјава во оваа сфера се далеку од идеални. Статистиките, рече, тоа го покажуваат.

Официјалната статистика и она што ние го водиме како статистика во голем дел се разликува. Според едвиденцијата што ја водиме од 2007 година, секоја година во просек, се разбира има и нагорна и надолна линија, по еден човек неделно гине на работните места. Спорно е дали тоа го евидентираат одредени иснтитуции, дали тоа спаѓа во нивите евиденции, но факт е дека по еден работник неделно гине на работно место, рече Петковски, обраќајки се на сесијата на тема „Безбедност и здравје на работниците на работното место: Национални услови и европски перспективи“.

Според него, ваквите состојби не се решаваат со закон, туку и со ангажман на стручни лица за проценка на ризик за да може да се овозможи соодветна заштита.

Законот не е ништо друго, освен договор каде трите страни седнале и се договориле, односно двете страни, а државата посведочила и се обврзала дека ќе го спроведува во име на овие двете – работниците и работодавачите, рече Петковски.

На дебатата учествуваа експерти од НКЕУ-МК кои одговораа на прашањата за ефикасна имплементација на Законот за заштита при работа од 2007 година, бидејќи, како што посочува организаторот, реалноста сигнализира дека во нашата држава, и покрај законските одредби, бројот на несреќи при работа постојано се зголемува.