„Антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од антизападниот Христијан Мицкоски има можност речиси две години, да научи како се водат одговорни политики што се во интерес на економијата, граѓаните, државата.
Од заробена, изолирана и задолжена држава, каква што беше за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија денес е на вистинскиот пат, држава партнер на регионот и демократскиот свет, идна членка на најголемите светски сојузи, НАТО и ЕУ“, се вели во денешното соопштение на Центарот за комуникации на СДСМ.
Во него се наведува дека бројни економски показатели ги демантираат лагите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски – растот на просечната плата на 24.584 денари во ноември 2018 година, падот на невработеноста на 20,8 отсто, растот на инвестициите, индустриското производство и извозот се само дел од податоците кои докажуваат дека економијата се движи во вистински правец.
„Интензивно се работи на развој на инфраструктурата. За таа цел, за оваа година предвдена е изградба и реконструкција на патишта низ целата држава, со вкупна должина од над 700 километри во вредност од над 1,2 милијарди евра“ се доава во истото соопштение.
СДСМ реагираше и на прес-конференцијата на Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Продолжуваат лагите и лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која со години манипулираше со пензионерите, партијата која заради криминални интереси остави огромна дупка во Буџетот на ПИОМ.
Не е точно дека пензиите ќе се кратат. Вистината е дека тие растат и ќе продолжат да растат, согласно растот на трошоците за живот, а законското усогласување на пензиите и во иднина ќе се прави двапати во годината.
Податоците од Државниот завод за статистика ги демантираат проѕирните лаги на ВМРО-ДПМНЕ. Просечната пензија во 2016 изнесувала 13.754 денари, а во 2018 изнесува 14.421 денар“, се додава во соопштението.
Comments are closed for this post.