Како е можно Народна банка да не го утврдила тоа масовно и свесно доделување на ненаплатливи и тешко наплатливи кредити со целосно занемарување на системите за управување со кредитниот ризик, кредити кои воопшто не се враќани со години и кои очигледно биле давани за да не се вратат воопшто. Зошто кога констатирала злоупотреби кои почнале да се случуваат во банката пред неколку години, Народна банка не поднела кривични пријави за злоупотреба на службена должност и овластување на раководните луѓе од банката кои го креирале и спроведувале овoj организиран грабеж на парите од депонентите, физички и правни лица, повеќе години наназад, прашуваат од здружението Оштетени штедачи.

Според нив, Народна банка морала да знае за овие криминални шеми кои се случувале во банката со години.

„Што преземала Народна банка да ги заштити штедачите преку контролните и супервизорски мерки и издадени решенија? Зошто не било реагирано на време да се отстранат ваквите криминални активности свесно правени од страна на раководните луѓе во банката во содејство со избраните фирми на кои им се делеле ултра ризични и ненаплатливи кредити? Доколку било потребно, зошто Народна банка не ја затворила Еуростандард банка уште пред неколку години за штетата по депозитите во банката да биде далеку помала отколку сега кога недостасуваат речиси 60 милиони евра проневерени и украдени пари распределени во нечии џебови. Одговорноста за овој организиран криминал освен кај раководните луѓе од банката е и кај раководни луѓе од Народна банка кои дозволиле тој грабеж да се случи и метастазира до граници кои се тешко замисливи и непоправливи.

Народна банката се фали дека со сите налози  и 11 решенија од контроли бил детално запознаен Управниот и Надзорен одбор на Еуростандард банка, со цел да се заштити нејзиниот биланс, а со тоа и депонентите. При таков напор од Народна банка и таков стабилен банкарски систем, после неколку дена, се случува стечај на Еуростандард банка и пропаст на дел од или целата сопственост – депозитите на депонентите, без  грижа и гаранција за „правна“  заштита на депозитите како сопственост  на граѓаните и фирмите согласно Законот за сопственост и други стварни права“, се вели во соопштението на здружението Оштетени штедачи и се додава дека пропаста на Еуростандард банка се одвивала со „правен“ грабеж на сопственоста во депозити на граѓаните и фирмите и тоа во тек на повеќе години континуирано, почнувајќи од 2013 година па наваму.