Во своите јавни изјави, Народна банка потсетува дека е професионална, независна и транспарентна институција. Ниту е професионална, за независна незнаеме, а транспарентна не е воопшто. Накусо ќе ги образложиме нашите ставови. Да беше Народна Банка односно гувернерката Бежоска професионална, немаше да се случи масовниот грабеж со делење на непокриени кредити и перење пари во сега пропаднатата Еуростандард банка, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнуваат оштетените штедачи на Еуростандард Банка.
Гувернерката Бежоска знаела и била свесна за лошата состојба во банката со години, но ништо не направила за да го спречи криминалот и да не заштити од пропаѓањето на нашите доверени лични средства. Напротив, гувернерката Бежоска јавно тврдеше и не лажеше дека нашите депозити се безбедни. Каков професионализам е да знаеш дека се краде во банката а да не направиш ништо туку напротив, со своите јавни изјави во континуитет и непосредно пред затворање на банката да ги донесеш во заблуда допонентите дека е се во ред и дека не треба воопшто да се грижат за своите депозити. Уште во 2017 година гувернерката Бежоска била информирана и добро знаела дека се вршат трансакции преку кои се перат пари и други приноси од казниво дело со отворање банкарски сметки на оф-шор компании, за да овие активности многукратно се зголемат во текот на наредните две години. Овие доверливи информации и докази гувернерката Бежоска ги добила од финансиското разузнавање и молчела со години, за да поднесе кривична пријава за перење пари против раководните лица во Еуростандард банка дури два месеца откако ја затвори истата. Гувернерката Бежоска и Народна банка како институција имале законска обврска да ја поднесат кривичната пријава за перење пари уште кога ги имале првите докази, а не да молчат и чекаат со години за да го направат тоа откако ќе ја затворат банката и целосно ќе ни пропаднат нашите пари, велат во својот став оштетените штедачи.
Тие прашуваат каков профезионализам е тоа да знаете што се случува во банката, да поднесете 21 решение со повеќе од 70 супервизорки мерки како што тврдат од Народна банка, а да грабежот на депозитите продолжи и гувернерката Бежоска да не ги одземе лиценците за работа на раководните лица во банката? Што правела гувернерката Бежоска кога мерките не се почитувале ниту исполнувале од раководните лица во банката!? Ги оставила да продолжат да крадат!!! Дали гледањето слепо и дозволувањето да се случува континуиран грабеж во банка е професионализам, и тоа врвен!? Дали е професионализам да ја затворите банката без да се обидете да воведете администрација и да ја спасите истата од пропаст? За да го направите тоа треба и знаење, одговорност, труд и работа, а сето тоа за жал го нема во сегашното раководство на Народна банка.
За независноста на Народна банка незнаеме доволно. Тоа ќе го оставиме на гувернерката Бежоска да одговори и разјасни зошто Еуростандард банка се затвори во сред пандемија и веднаш после одржаните парламентарни избори оваа година, а не пред тоа кога веќе било јасно каква е состојбата на банката. Транспарентноста е многу слаба страна на Народна банка и гевернерката Бежоска. Дали транспарентност е да јавно изјавите дека депозитите на граѓаните се безбедни и дека може да се чувствуваат мирно бидејќи се заштитени од системот!? За да веднаш потоа истата таа личност која јавно го изјавува тоа, гувернерката Бежоска, ја затвори банката и наеднаш пропаднат речиси 60 милиони евра од континуираниот грабеж дозволуван од Народна банка со години. Ова не е одлика на транспарентност, ова е одлика на недолична манипулација и свесно лажење на гувернерката Бежоска. Веројатно гувернерката Бежоска подразбира дека транспарентност е да се соопшти на кругот пријатели и блиски соработници дека банката ќе се затвори за неколку денови, за да побрзаат да ги извадат депозитите од Еуростандард банка. Оваа „транспарентна“ информација гувернерката Бежоска најверојатно ја има споделено и со претходната министерка за финансии Нина Ангеловска додека дискутирале во Комитетот за финансиска стабилност. Па така, претходната министерка Ангеловска си ги подигнала парите од банката пред нејзиното затворање, за да потоа Антикорупциската комисија констатира конфликт на интереси и немање на професионален и морален кредибилитет на министерката Ангеловска. Тоа воопшто и не попречи да таа подоцна биде наградена и со место во одборот на директори на Македонски телеком по предлог на Владата, потенцираат тие.
Оштетените штедачи додаваат дека транспарентоста на гувернерката Бежоска се огледа и во избегнувањето на разговор и соочување со оштетените депоненти, граѓани и фирми, на дебата односно одговор на нивните прашања, а дел од нив се поставени и овде но никогаш не добивме конкретен и транспарентен одговор. Скапо платен од нашите пари и заштитен од државата, раководниот тим на Народна банка а пред и се гувернерката Бежоска, продолжуваат со својот стил на паушални одговори без суштина и цел. На нас оштетените ни е многу јасно дека неможе да очекуваме никаков конкретен одговор од гувернерката Бежоска бидејќи таа е соучесник во криминалот во банката и секакво нејзино признавање на делото преку изнесување на вистината може да биде штетно за неа. А ние оштетените, ќе се снаоѓаме со нашите животи и понатаму, ограбени, понижени и излажани во сред пандемија, но никогаш нема да се откажеме од вистината и правдата. Се надеваме и дека ќе дојде време кога гувернерката Бежоска и нејзниот тим ќе се посрамотат и ќе одговараат за своите штетни постапки во овој организиран криминал коишто директно оставија 3.000 семејства без своите тешко заработени и заштедени лични средства, со што го уништија сегашниот и иден живот на обичните граѓани и фирми и нивните семејства. Во меѓувреме, и покрај тоа што се објави дека надлежностите на Народна банка прекинуваат со отворање на стечајот на Еуростандард банка пред четири месеци, во одборот на доверители имаме и член од Народна банка, кое место му припаѓа и според закон. Не вршеа контрола и не направија ништо кога се крадеше во банката, а сега ќе ја контролираат стечајната постапка односно проневерата на нашите пари. Толку од професионализмот, независноста и транспарентноста на Народна банка и гувернерката Бежоска. Се до затворање на следната банка.
Comments are closed for this post.