Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка Правда за штедачи на 28 април според Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер побара од Фондот за осигурување на депозити да достави податоци за нивната финансиската состојба, за економско-финансиските показатели за работењето на Фондот, но такви податоци не доби.
„Ако постои ненаменско трошење на средствата, како што се шпекулира во јавноста, тогаш тоа не смее да се покрива со средства на депонентите – физички и правни лица. Дека има нешто сомнително зборува фактот што Фондот за осигурување на депозити за 2020 година, до денес, нема објавено годишен извештај, ниту е објавен извештајот од извршената ревизија на овластен ревизор, согласно член 16 од Законот за осигурување на депозити.
Токму поради молкот од страна на Фондот за осигурување на депозити, немање на достапни информации за годишниот извештај од работењето за 2020 годоина, како и за ревизорскиот извештај од овластениот ревизор за 2020 година, бараме, но и го повикуваме Државниот завод за ревизија да направи контрола на работењето на Фондот за осигурување на депозити, дали наменски биле трошени средствата и да ја утврди точната финансиска состојба во која се наоѓа Фондот за да се елиминираат сите шпекулации за неговата финансиска состојба.
Според сите финансиски показатели кои се јавно достапни, состојбата со средствата кои се на располагање на Фондот одат во нагорна линија. Според финанскискиот план за 2021 година, а донесен на 25.12.2020 година, Фондот очекува годишно континуирано зголемување на приходите од платена премија на банките, кои до крајот на годината треба да достигнат 762.966.502 денари или околу 12.385.820 евра во вкупно наплатена годишна премија.
Фондот достигнува износ на сопствени средства над законски предвидениот минимум од 4 отсто од вкупните депозити во банките и штедилниците. Дури и по исплатата на депонентите од Еуростандард банка, според јавно достапните информации од Фондот објавени во финансискиот план за 2021 година, во мај 2021 година износот на средства е 4,72 отсто или 0,72 отсто над минимумот. Поточно, во овој момент состојбата е 2.186.240.320 денари повеќе од законскиот минимум“, се вели во соопштението на здружението Правда за штедачи.
Comments are closed for this post.