Со 10 милиони евра кредит од Европската банка за обнова и развој целосно ќе се реконструира и модернизира патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир во должина од 13 километри.

Со денешното потпишување на договорите за заем и гаранција во Министерството за финансии се создадоа услови за старт на градежните работи кои се продолжение на почнатите експресни патишта од Ранковце до Крива Паланка кои треба да бидат готови за две до три години.

– Заемот е со рок на отплата од 15 години години и вклучен грејс период од две години, со варијабилна каматна стапка која се состои од шестмесечен еуролибор, зголемено за маргина од еден процент. Каматната стапка сега изнесува околу еден процент и сега има исклучително поволни услови на пазарот, информира по потпишувањето на договорите министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тој потенцираше дека проектот ќе ја подобри поврзаноста на Македонија со Бугарија со која последната година сериозно ја зголемуваме трговската размена и оти како делница за поврзување на Црното со Јадранското море е од голема важност не само за македонската економија, туку и за регионот.

Како што нагласи министерот за транспорт Горан Сугарески, Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ е силно посветена на регионалниот развој и владините политики се насочени кон комплетирање на Коридорот 8, кој, како што рече, ќе овозможи економски развој на регинот и ќе ја направи државава клучен транзитен центар на Балканот.

– Нашата цел е да созадеме функционален Коридор 8 кој ќе овозможи брз и безбеден превоз на патници и стоки. Со обебзедување средства за доизградба на уште една лента на овој патен правец ќе придонедеме за побрз трансппорт и регионално поврзување и соработка, рече Сугарески.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов информираше дека е завршена целосната документација од аспект на безбедност на патишта и заштита на животната средина и се подготвува документацијата за одобрението за градење и ќе може веднаш да се стартува со работа.