Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска на градскиот пазар во Валандово имаше средба со земјоделците од овој регион.

На средбата се разговараше за актуелните состојби во земјоделството, предлозите на земјоделците од валандовскиот регион и мерките кои ги презема Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство.

Министерот Николовски на земјоделците им порача, дека обезбедувањето на сигурен пласман и решавање на проблемот со вишоците на земјоделски производи, е еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија, за што МЗШВ презема низа активности преку мерките од ИПАРД 2 програмата, Програмата за рурален развој и проектите со меѓународните партнери од областа на земјоделството.

Пред само два дена започнавме со склучување на првите договори за реализација на инвестции во преработувачката индустрија односно за нови производствени капацитети, за модернизација на постојните или за набавка на нова опрема, со забрзана процедура на склучување на договорите.Сето тоа е за  поддршка на преработката на земјоделските производи, а се со цел да го решаваме проблемот со вишокот производи, да обезбедиме  сигурен пласман, да има повисоки откупни цени преку продажба на готови производи со поголема додадена вредност. Преку Програмата за рурален развој воведовме низа мерки за поддршка на преработувачката индустрија а со тоа и за обезбедување на сигурен пласман. Одвоивме 4 милиони евра преку мерката „Инвестиции за маркетинг на земјоделски производи“, со која се овозможува предфинансирање на инвестициски проекти во висина од 100% од износот на предлог-проектите, кои се однесуваат исто на преработувачката индустрија а со тоа и на поддршка на пласманот“, изјави министерот Николовски.

Во рамки на посетата на Валандово,  министерот Николовски имаше работна средба со менаџментот на компанијата за преработка на зеленчук и овошје „ Дин- комерец“, која што е извозно ориентирана и своите производи ги пласира на пазарите во Европа, Америка и Канада.

Инаку, минатиот месец во Вланадово министерот Николовски го потпиша договорот со компанијата изведувач на градежните работи „Штрабаг“, за реализација на втората фаза од Проектот за наводнување на Јужната долина на реката Вардар. Инвестицијата е во вредност од  24,3 милиони евра, а со реализацијата на овој проект, земјоделците ќе имаат модерен систем за наводнување кој ќе обезбеди навремено и квалитетно наводнување на над 2.000 хектари земјоделска површина.

Николовски посочи дека преку мерките од Програмата за рурален развој наменети за општините, МЗШВ им овозможува на општините да аплицираат за проекти за капитални инвестиции во инфраструктура, изградба на локални патишта, домови, зелени пазари, урбана опрема и друго, што ќе придонесе за подобрување на кавлитетот на живот во руралните средини. Неодамна  Владата преку Програмата за рурален развој обезбеди 38 милиони евра за поддршка на 206 проекти на општините кои конкурираа на повикот што се објави минатата година. На огласот конкурираше и општината Валандово и и се одобрени 2 проекти.

На повикот што се објави минатата година конкурираше општина Валандово,  еден од прифатените проекти се однесува на изградба на пат и канал за поврзување на регионалниот пат со населеното место Горна Маала.Тоа е еден проектите за кои Валандово ќе добие решение за спроведување и ќе треба да ја спроведат јавната набавка. Би сакал  да потенцирам дека на секој начин преку нашите програми и  преку новите мерки жителите од руралните средини ќе добијат силна поддршка  од МЗШВ“, изјави министерот Николовски.