Необично е во Македонија која изобилува со храна, да се зборува за глад, но факт е дека тоа постои и дека има луѓе кои живеат на маргините и гладуваат, истакна   постојаниот координатор на ОН Луиза Винтон на денешното отварање на првата школска градина по повод Светскиот ден на храната. Винтон нагласи дека годинашното мото на Светскиот ден е „Свет без глад“.

Градината  која е отворена во скопско Бардовци е  лоцирана во ООУ „Аврам Писевски“, на 11 метри квадратни, претставува вид лабораторија на отворено и е прва од ваков тип во Македонија. Ја создадоа членовите на Слоу фуд Водно со поддршка на ФАО.  Засега во неа има растенија кои може да ја поминат зимата без покривка, нане, лаванда, жалфија, рузмарин и босилек, а напролет ќе се поседат и зеленчуци, па дури и овошје.

Децата ќе учат, како да се произведе храна без да се наруши животната средина, да се намалат отпадоците и да се стекнат  поздрави навики на исхрана.

Вакви училишни градини за производство на храна ни се потребни во сите училишта како дополнителен импулс за едукација на децата. Тие може да бидат најдобрите амбасадори на здравите навики и практики на исхрана, истакна министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Директорката на училиштето Матилда Бејкова напомена дека градината е место каде децата ќе учат директно во природа и ќе ја градат својата свест за здравата храна.

Училишните градини се училници на иднината кои можат многу да помогнат да се зголеми знаењето, љубовта и почитта на младите генерации кон производството на храна и здравата исхрана, со посветеност кон животната средина и грижата за заедницата, смета Василка Стефановска од Слоу Фуд Водно.

Растенијата што се сега насадени во училишната градина во „Аврам Писевски“ овозможуваат заштита од инсекти, но и за збогатување на почвата со потребните минерали.

На настанот учествуваа и активисти од здружението „Ајде Македонија“ кое денеска, по повод Светскиот ден на храната, низ десет градови во Македонија ја организираат акцијата „Нахрани 10.000“.