Во јануари годинава паричната маса бележи надолна месечна промена од 1,5 отсто, а на годишна основа има зголемување за 7,8 проценти. Вкупните депозити се намалија на месечна основа за 1,0 отсто, но на годишна основа продолжија да растат, за 9,3 проценти, при раст на депозитите кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“, информира Народната банка (НБ).
-Вкупните кредити на месечна основа останаа непроменети, додека на годишна основа се зголемија за 6,8 проценти, при поголем придонес во растот на секторот „домаќинства“. Доколку се земе предвид ефектот од преносот на сомнителните и спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, согласно со регулаторните промени според одлуката на Народната банка, кај вкупните кредити во јануари е забележан раст од 8,0 отсто на годишно ниво, соопшти НБ.
Кај најзастапената категорија ‒ потрошувачки кредити за физички лица, покажуваат податоците од НБ, е забележан месечен пад од 0,2 отсто, карактеристичен за првиот месец од годината, при годишен раст од 14,5 проценти. Кај станбените кредити е забележан месечен и годишен раст од 0,9 и 13,2 проценти. Во јануари, автомобилските кредити се намалени на месечна и годишна основа за 2,3 и за 1,8 проценти. Кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 0,6 и 2,7 проценти, на месечна и на годишна основа. Негативните салда на тековните сметки, пак, се повисоки на месечна и годишна основа за 12,8 и 1,5 проценти, додека кредитите одобрени врз други основи се пониски на месечно и на годишно ниво за 0,8 и 10,9 проценти.
Вкупните депозити на корпоративниот сектор, пак, се намалени за 4,6 отсто.
-Оваа промена речиси во целост се должи на падот кај депозитните пари, во услови на пад и кај останатите компоненти, освен краткорочните депозити во странска валута коишто остварија раст. На годишна основа депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 12,2 процента, во најголем дел поради растот кај депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при пад на денарските краткорочни депозити, велат од НБ.
Кредитите на корпоративниот сектор, додаваат, остварија месечен пад од 0,7 отсто, кој во поголем дел произлегува од намаленото кредитирање во денари.
-Споредено на годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 3,2 отсто, под влијание на поизразениот раст на кредитирањето во странска валута (учество од 77,4 проценти). Со исклучување на ефектот од извршените отписи на сомнителните и спорните побарувања, согласно со одлуката на Народната банка, годишниот кредитен раст кај корпоративниот сектор во јануари изнесува 5,2 отсто, прецизираат од Банката.
Во јануари, кај вкупните депозити на домаќинствата, посочуваат, е остварен минимален месечен раст од 0,1 отсто, кој се должи на растот на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута и во денари.
-Стапката на годишен раст изнесува 8,5 отсто, при забележано зголемување кај сите компоненти, со најголем придонес на депозитните пари и краткорочните и долгорочните депозити во странска валута. Вкупните кредити на домаќинствата бележат месечен и годишен раст од 0,6 и 10,6 проценти, при поизразен придонес на кредитирање во денари. Со исклучување на ефектот од преносот на сомнителните и на спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, согласно со одлуката на Народната банка, годишниот кредитен раст кај домаќинствата во јануари изнесува 11,3 проценти, порачуваат од НБ.
Comments are closed for this post.