Банкарскиот систем во третиот квартал годинава ја задржа стабилноста. Депозитите одбележаа солиден раст, но и кредитите одобрени на домаќинствата продолжија да растат.
Ова го констатира Советот на Народната банка во усвоениот извештај за ризиците во банкарскиот систем во третиот квартал.
– Показателите за солвентноста на банкарскиот систем и натаму се на солидно ниво. Според податоците во усвоениот извештај, на крајот на септември оваа година, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем изнесува 16,9 отсто. Во однос на ликвидноста на банките, во овој квартал таа забележа раст, при што сите показатели се задржуваат на задоволително ниво, наведуваат во соопштението од Народната банка.
Во третиот квартал, учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансиските субјекти е намалено за 0,5 процентни поени и е сведено до нивото од пет отсто.
Според Народната банка промените во регулативата за управување со кредитниот ризик имаа делумен придонес за подобрување на показателите за нивото на остварување на кредитниот ризик. Заклучно со третиот квартал, стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви на банкарскиот систем изнесуваа 1,5 отсто и 13,5 отсто. Во однос на истиот период од минатата година, појаснуваат од Народната банка, тие се пониски, но главно како одраз на исцрпувањето на ефектите од настаните со еднократен карактер од март 2018 година, коишто предизвикаа висок раст на добивката минатата година.
На денешната седница Советот ја донесе и Програмата за работа на Народната банка за 2020 година. Покрај остварувањето на редовните задачи, во неа, за следната година се испланирани и поголем број проекти што ќе придонесуваат за унапредување на извршувањето на функциите и ефикасно постигнување на стратегиските цели на централната банка.
Со Програмата се опфатени веќе најавеното изготвување на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, како и на Националната стратегија за примена на финансиски технологии и поддршка на развојот на финтек-секторот, активности поврзани со анализа на тековната заштита на потрошувачите на финансиски услуги и унапредување на институционалната поставеност на Народната банка во оваа сфера и проект за унапредување на транспарентноста и комуникацијата со јавноста на Народната банка. Во зависност од динамиката на донесување на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, планирани се и проекти што ќе овозможат измени или донесување соодветна подзаконска регулатива. Истовремено, заради зголемување на сигурноста, стабилноста и ефикасноста на платниот систем се предвидува спроведување консултативен процес преку Националниот совет за платни системи, за воспоставување стратегиски насоки за изработката на повеќегодишна стратегија за развој на платниот систем на нашата земја.
Советот го усвои и Годишниот извештај за надгледување и препораки за работењето на платните системи во 2018 година. Во Извештајот, согласно со воспоставената правна рамка, Народната банка со надгледувањето оценува дали структурата и функционалностите на платните системи според нивната значајност се во согласност со меѓународните стандарди и дали обезбедуваат непрекинато, сигурно и стабилно работење на платниот систем. Притоа, во текот на 2018 година платните системи во земјата обезбедија висок степен на сигурност и оперативна доверливост, што е значителен придонес кон создавање поволно економско окружување.
На седницата на Советот беа донесени и Програмата за работа за 2020 година и Среднорочната програма за работа за периодот 2020-2022 година на Дирекцијата за внатрешна ревизија, како и Годишниот финансиски план, Годишниот план за инвестициите и Годишниот план за јавните набавки за 2020 година.
Comments are closed for this post.