Податоците се изработени согласно со меѓународните и европските статистички стандарди и се значајна аналитичка алатка и важен извор на информации за согледување на финансиското однесување на секторите во националната економија и главните канали за стекнување и инвестирање финансиски средства во националната економија.
Народната банка започнува со објавување статистички податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија. Податоците се изработени согласно со меѓународните и европските статистички стандарди и се однесуваат на состојбите на финансиските средства и обврски по финансиски инструменти и подинструменти за секој институционален сектор и потсектор на националната економија, како и на секторот странство.
Статистиката на финансиските сметки е исклучително важна и воедно една од најкомплексните статистики. Таа има голема употребна вредност, со оглед на тоа што овозможува детални информации за состојбата и промените на финансиските средства и обврски на одделните сектори, нивната структура по одделни финансиски инструменти, како и за меѓусебната финансиска изложеност на одделните сектори. Нето финансиската вредност како разлика помеѓу вкупните финансиски средства и вкупните финансиски обврски е важен показател за определување на должничката/доверителската позиција на вкупната економија, или на одделен сектор на националната економија. Со тоа, финансиските сметки се значајна аналитичка алатка за согледување на финансиското однесување на секој сектор како должник или кредитор, за финансиските врски во националната економија, структурата и улогата на финансискиот систем и главните канали за стекнување и инвестирање финансиски средства во националната економија. Заради тоа, финансиските сметки се важен извор на информации за носителите на економските политики.
На веб-страницата на Народната банка, податоците за финансиските сметки се објавени во стандардизирани извештајни табели (дводимензионални матрици), на неконсолидирана основа за секој институционален сектор на домашната економија, како и за секторот странство. Временската серија се однесува на периодот 2013-2019 година и содржи податоци за годишните состојби на финансиските средства и обврски по финансиски инструменти. Народната банка засилено работи и на подготовка на податоци за тековите, како и квартални податоци за состојбите на финансиските сметки.
Истовремено, на веб-страницата на Народната банка се објавени и методолошки објаснувања за составување годишни финансиски сметки, коишто содржат подетални информации за дефиницијата и класификациите на институционалните сектори и на финансиските инструменти, како и на изворите на податоци и применетите методи при компилацијата на финансиските сметки.
Меѓународните искуства потврдуваат дека процесот на изработка на статистиката на финансиските сметки е исклучително комплексен, бидејќи како секундарна, односно „изведена” статистика, претпоставува користење различни извори на податоци, коишто многу често се наменети за други статистички потреби и може да бидат поставени на различни методолошки основи. Сето ова бара соодветна комбинација и воспоставување хиерархија на изворите на податоци од примарните статистики и бројни други дополнителни извори на податоци, при што не ретко се прават и проценки за одделни податоци или агрегати. Оттука, поради различниот методолошки пристап, може да постојат разлики во статистичките податоци коишто се објавуваат во рамките на примарните статистики со оние во финансиските сметки.
Изработката на годишните секторски финансиски сметки е уште еден исчекор кон обезбедување на потребните дополнителни показатели во рамките на највисокиот статистичкиот стандард за дисеминација на податоци СДДС плус, како и за сетот на показатели во рамките на процедурата за макроекономски нерамнотежи на ЕУ, со кои се утврдуваат внатрешните и екстерните нерамнотежи на земјите.
Објавувањето на статистичките податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија е уште една потврда на постојаните напори на Народната банка за целосно исполнување на највисоките статистички барања и за спроведување на меѓународните принципи и правила во статистиката. Усогласувајќи се со меѓународните и европските статистички стандарди, Народната банка покажува и подготвеност за натамошно унапредување на своето работење и навремена подготовка за пристапување кон Европскиот систем на централни банки, што е и една од нејзините стратегиски цели.
Comments are closed for this post.