Владата на денешната седница обезбеди 385 милиони денари или над 6,2 милиона евра за исплата на преостанати субвенции за неколку мерки од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година.

Со оваа сума, како што соопшти Министерството за земјоделство, ќе се исплатат субвенции за органско производство, дополнителна помош за производство во отежнати услови, субвенции за литар предадено млеко, субвенции за мерката за 60 отсто покривање на трошоците за осигурителни полиси, како и за други мерки од Прогрaмата за 2017 година.

По објавувањето на владината одлука во Службен весник до крајот на оваа недела ќе почне исплатата на овие субвенции.

Досега Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој има исплатено близу 200 милиони евра, сума во која што спаѓаат субвенции по основ на заостанати долгови од 2013, 2014, 2015, 2016 година, како и за мерките од актуелните Програми за 2017 година.