Бројот на превезени патници на аеродром во Скопје достигна два милиона од почетокот на годината.

Двамилионитиот патник кој беше пречекан со свеченост на аеродромот е Ивана Николоска од Прилеп која живее во Мелбурн, а претпладнево пристигна со летот на „Катар Ервејс“ од Доха.

Ова е навистина големо изненадување. Многу ми е мило што јас сум тој патник. Се надевам дека ќе се множат уште многу во иднина, изјави Николоска која доаѓа во Македонија за празниците

Наградата за Николоска е викенд за двајца во Доха, со обезбеден престој во хотел, авионски билети,  услуга од прва класа при патувањето и ваучар за пазарење од 200 евра.

Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија, компанија која од 2010 година стопанисува со аеродромите во Скопје и во Охрид, на прес-конферениција потенцираше дека по стартот со над 600 илјади патници и 15 дестинации, постигнатата бројка од над милион во 2014 година денеска го пречекаа двамилионитиот патник.

Следната цел е да се достигне бројка од три милиони патници во 2022 година, рече Ерсој, посочувајќи дека поставената цел може да се постигне порано или подоцна, но оти се надеваат на резултати  со продолжување на поддршката од Владата, соработката  и промоцијата со авиокомпаниите и туроператорите и  останатите аеродроми каде се присутни.

Ерсој верува дека нискобуџетните авиокомпании нема да го напуштат македонскиот пазар, кој, како што оцени, е веќе развиен, а бројот на патници се зголемува и покрај тоа во изминатите неколку месеци не се  доделуваат субвенции за евтини авиолинии, по пропаѓањето на двата повика.

 Не сме забалежале пад на бројот на патници во последниот период, напротив имаме пораст од 18 проценти. Сите авиокомпании, не само нискобуџетските, прекинуваат со некоја линија ако не им е профитабилна бидејќи им се важни приходите или пак летаат само во тек на летните месеци. „Виз ер“ направи одредени измении има некои летови што се одвиваат само во летните месеци, но тоа е генерална пракса на авиокомпаниите. Пазарот и понатаму е силен и стабилен и воопшто не се плашиме дека ќе има некаков пад или проблем, рече Ерсој.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека превезените два милиона патници со тенденција тој број до крај на годината да се зголеми за уште неколку десеттина илјади го покажува развојот на авиосообраќајот.

 Ова е заеднички успех на Владата и на ТАВ кој низ годините докажува дека умее од Македонија да направи атрактивна дестинација, рече Сугарески.


Тој очекува до крај на годината да биде избрана нискобуџетна компанија која во следните три години ќе добие субвенции за евтини авиолинии, по завршување на третиот повик што за таа намена го распиша Министерството за транспорт и врски. Повикот е отворен до  21. месецов, а следи по пропаѓањето на двата повика заради неисполнување на условите од тендерот на кој се пријави само унгарски „Виз ер“ кој со два договора до јуни годинава добиваше субвенции. За поддршка на евтини летови за периодот од 2019 до 2021 година се предвидени пет милиони евра. Компанијата што ќе биде избрана согласно критериумите на повикот ќе треба да воведе по две нови дестинации од Скопскиот и од Охридскиот аеродром до 26 март следната година.

Остануваат, како што рече Сугарески, заложбите за развој и користење на капацитетите на Охридскиот аеродром со нови дестинации, се анализираат и можностите за национален авиопревозник и се одржуваат средби со авиокомпании кои пројавуваат интерес за условите за влез на македонскиот пазар. Постоење на национална авикомпанија поддржуваат и од ТАВ Македонија, но, како  што рече Ерсој, Владата не треба да биде таа која ќе ја поддржува  финансиски авиокомпанијата, туку таа треба да биде способна да се одржува сама финансиски.

Од аеродромот во Скопје функционираат 38 дестинации со редовни летови на 13 авиокомпании. Во првите 11 месеци од годинава преку аеродромите во Скопје и во Охрид се превезени преку 2,1 милион патници, што е пораст од 18 проценти на годишно ниво. Во периодот јануари-ноември годинава се реализирани вкупно 18.336 летови или за 9,4 проценти повеќе споредено со 11-те месеци од минатата година.