Министерството за транспорт и врски од државниот буџет му исплати на Јавното претпријатие за државни патишта уште 53,33 милиони евра, пари кои потоа ќе одат на сметката на конзорциумот Бехтел и Енка за изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10 д, пишува Фактор.мк.
На 23 јуни на наменската сметка на ЈПДП легнале 3,28 милијарди денари. Ова е втора трансакција наменета за потребите на изведувачот, откако на 26 април беа исплатени 7.254.000.000 милијарди денари, или 117 милиони евра. Тоа значи дека на „Бехтел и Енка“ досега им се исплатени повеќе од 170 милиони евра.
Интересно е тоа што според Програмата за финансирање на патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година, втората трансакција треба да изнесува 3,1 милијарда денари, или околу 50 милиони евра, но изминатата недела Министерството за транспорт и врски исплатило околу 3 милиони евра повеќе од претходно предвиденото, покажува платформата „Отворени финансии“.
„Средствата во износ од 3.100.000.000 денари (50.000.000 евра) се наменети за авансно плаќање согласно член 14.2. од Договорот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10Д односно за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристап до средства“, пишува во програмата за конкретната трансакција.
Според овој документ, до крајот на 2023 предвидено е на „Бехтел и Енка“ да му се исплатат уште две суми од 25.500.000 и 49.500.000 евра, што се заедно на куп би било околу 250 милиони евра.
Владата досега организираше три настани во врска со почетокот на изградбата на овој проект, иако засега нема интензивни и видливи теренски активности од градежниот оператор. Последниот настан беше на 1 јуни кога беа одбележани активности за геомеханичко испитување на земјиштето каде ќе минува алтернативниот пат на автопатот Тетово-Гостивар.
Првиот вицепремиер Артан Груби тогаш рече дека паралелно течат и процесите на проектирање, изработка на елаборати за експропријација на земјиштето и мобилизација на фирми кои ќе бидат вклучени во изградбата на автопатот.
За разлика од досегашната практика во земјава, најпрво да се избира биро што ќе ја изработува во етапи целокупната проектна документација, по чија изработка се распишуваше тендер за избор на градежна компанија што ќе го гради автопатот, со договорот со „Бехтел-Енка“, самиот конзорциум ќе го проектира автопатот, по што истиот и ќе го гради. И покрај критиките на опозицијата за избраниот модел на изградба, од владата посочија дека овој начин на изградба ќе овозможи многу побрза изведба на автопатските делници и ќе нема грешки во проектната документација како што беше случај со други инфраструктурни проекти во минатото.
Comments are closed for this post.