Премиерот Зоран Заев, како неформален министер за финансии намерно не ги троши сите пари за капитални инвестиции за потоа со оние кои ќе останат директно да ги префрла како трансфери до граѓаните, односно гласачите, рече на денешната прес-конференција лидерот на опозицискат ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Преку буџетот има намера да ги корумпира граѓаните и гласачите, затоа стана и министер. Капиталните расходи по половина година се само дваесетина проценти. Ќе останат неинвестирани 500 милиони евра и тие пари ќе одат за трансфери месеци пред избори играјќи на картата на кратко помнење на граѓаните“, обвини Мицкоски.
Иако не се трошат пари за капитални инвестиции, задолжувањата за таа намена продолжуваат и на годишно ниво, тврди Мицкоски. Според него тоа се задолжувања од 16 милијарди денари. Овие пари како што потенцираше не се инвестираат туку се чуваат за да им се дадат директно на потенцијалните гласачи . Порача дека опозицијата тоа нема да го дозволи.
Сите меѓународни финансиски и политички претставници ќе ги информираме дека на следните парламентарни избори доаѓа до промена на Владата на Репубика Македонија и ваквите авантуристички проекти нема да ги поддржиме и затоа може ќе дојде до знак прашање нивното реализирање, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски вели дека еврообврзницата која Владата ја планира за изградба на новиот Клинички центар во вредност од 500 милиони евра ќе биде всушност наменета за „ситно корумпирање“. Тој очекува економските параметри за првата половина од 2019 да бидат катастрофални.
„Ситуацијата во буџетот е катастрофална. Во првите шест месеци се проектирани приходи од 43,4 милијарди денари, а биле наплатени само 39,3 милијарди денари. Во јуни 16 отсто е помала наплатата од планираната. Ќе ја повторам тезата дека живееме во два паралени света со господинот Заев – оној неговиот што е многу помал и оној на граѓаните во беспарица, додаде Мицкоски.
Comments are closed for this post.