Македонија се дави во криминал, корупција и не владеење на правото, изјави во своето обраќање претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, осврнувајќи се на најновите податоци на Транспаренси интернешнл за степенот на корупција во земјите во светот, според кои Република Македонија се наоѓа на 93 место.
Според него, Македонија е во друштво на хибридни режими и слаби системи, на држави со изразени проблеми на непостоење на правна држава и отсуство на владеење на правото.
Државата е зад сите земји членки на Европската Унија, на дното сме во Европа. Ова подразбира констатација дека државава се дави во криминал, корупција, и не владеење на правото, изјави Мицкоски додавајќи дека наспроти владините ветувања, нема резултати во борбата против корупцијата.
Тој направи споредба и нагласи дека според индексот на корупција друштво ни прават земји како Гамбија, Косово, Монголија и Панама. Дури и помалку развиени далеку помалку развиени земји од Македонија се помалку корумпирани, а тоа го покажува и фактот што пред Македонија се Свазиленд на 89-тото место, Бенин на 85-тото место, Лесото на истото место, Буркина Фасо 78 место, Намибија 52-ра, Руанда на 48-то место.
Она што Владата го преставува за успех, е всушност огромен неуспех. Не може да се задоволуваме со тоа дали државава е на неколку места погоре или подолу, а општ факт е дека сме во најслабиот дел од рангирањето на индексот на корумпирани држави. На Македонија и требаат огромни скокови напред и видливи резултати во борбата против корупцијата и криминалот какви до сега не видовме, за жал, изјави Мицкоски.
Во држави рекордери по индексот на корупција, според него, криминалот и корупцијата се развиваат само ако државата е нивен заштитник. Рангирањата покажуваат дека оваа влада штити криминал и произведува корупција. Потребни се коренити реформи и воспоставување на владеење на правото и правна држава, реформирано и независно судство. Граѓаните да се чувствуваат заштитено, сигурно, да може да добијат правда кога се нападнати од неправда.
Право и правна држава и безмилосна борба против криминалот. Тоа го ветуваме ние. Затоа се потребни промени, и пред се избори на кои оваа корумпирана и криминална влада ќе падне. Избори каде ќе се одлучува дали сте за заштита на корупцијата и криминалот, или сте за право и правна држава, нагласи Мицкоски.
Comments are closed for this post.