Германското обвинителство ја казни компанијата „Дајмлер“ за 870 милиони евра поради наводно сертифицирање на дизел автомобили чии емисии не биле во согласност со регулаторните услови.

Обвинителството во Штутгарт, каде се наоѓа седиштето на Дајмлер, денеска соопшти дека компанијата е казнета поради прекршување на надзорните обврски.

Од „Дајмлер“ велат дека заклучиле оти „во најдобар интерес на компанијата“ е да ја прекинат постапката и да не се жалат.

Од компанијата истакнуваат дека казната нема да има дополнително влијание врз заработката во третиот квартал од оваа година.

Најпозната марка автомобили на „Дајмлер“ е Мерцедес-Бенц.

Скандалот околу манипулацијата на дизел моторите поттикна и јавна расправа во Германија за штетноста на овие мотори, што резултираше со забрана на прометот во некои градови.