Со оглед на тоа дека машиновозачите и помошниците индивидуално прекинале со работа, индивидуално и ќе треба да се изјаснат дека прифаќаат или одбиваат да ги извршуваат работните задачи, велат од Железници на РСМ на тврдењата на претставници на машинскиот персонал за притисоци и оти им било побарано поединечно да се изјаснат дали ќе ги исполнуваат работните обврски.
Од Железници на РСМ Транспорт денеска повторно апелираа до машиновозачите и помошниците да прекинат, како што изјавија оттаму, со незаконскиот штрајк што трае веќе три дена, бидејќи со тоа нанесуваат огромна финансиска штета на компанијата, но и на стопанството.
Со бојкотот машинскиот персонал бара зголемување на надоместот за квалитет на работа од 30 на 40 проценти. Целосно не функционира патничкиот сообраќај. Во товарниот, според машинскиот персонал, завчера и вчера сообраќал по еден воз, а според раководството на ЖРСМ, тој вид сообраќај се одвива со потешкотии.
За раководството, барањата на машиновозачите и помошниците се надвор од финансиските можности на фирмата, бидејќи, како што велат, со огромни тешкотии успеваме да исплаќаме плата за вработените и обврските.
Оттаму изјавија дека „стапувањето во незаконски штрајк од страна на машиновозачите и помошниците е во спротивност со одредбите од член 122 од Законот за железнички систем“.
– Таму е јасно утврдено дека за време на штрајк, штрајкувачкиот одбор и работниците кои учествуваат во штрајк се должни да обезбедат неопходно ниво на процесот на работа со кое нема да се загрози животот, здравјето, економската и социјалната сигурност на граѓаните и неопходното вршење на стопанските и други дејности во Република Северна Македонија, односно за време на штрајк мора да сообраќаат следните возови кои: превезуваат животни, свежи производи, воени и специјални пратки, опасни материи и предмети, суровини, репроматеријали и погонски материјали кои се неопходни за одвивање на стопански и други дејности, патници во локалниот патнички сообраќај на сите релации и тоа по еден пар на возови, и возови кои сосбраќаат во меѓународниот сообраќај, потенцираат од ЖРСМ Транспорт.
Тие вчера објавија дека платите на машиновозачите во просек изнесуваат 47.600 денари, а на реакциите од машинскиот персонал дека се објавува оглас за нови вработувања одговараат дека е планиран со бизнис планот за 2019 и 2020 година со оглед на недостигот на извршен персонал и персонал кој заминува во пензија.
Апел да продолжат со работа до машиновозачите упати министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, укажувајќи дека со секој застој во претпријатието се создаваат нови долгови, што е проблем години наназад. Во делот на превозот на патници ЖРСМ Транспорт добива субвенции од државата и тој основ за годинава се предвидени 430 милиони денари. Ангажирана е и консултантска куќа која треба да подготви студија со можните модели за преструктуирање на Железници на РСМ Транспорт, по препораките од Европската комисија и домашните експерти дека решение за состојбите во железницата е либерализација на железничкиот сообраќај.
Comments are closed for this post.