Истражување на Харвард и Универзитетскиот Колеџ од Лондон (УКЛ) покажува дека горењето јаглен и други фосилни горива предизвикува далеку повеќе смртни случаи низ земјите во развој отколку што досега се претпоставуваше. Истражувањето е важно за Македонија, каде меѓу 60 и 70 проценти од енергијата се произведува од горење на јаглен.

Според анализата, вниманието на јавноста треба да се пренасочи од заканата на јаглерод диоксидот кој се ослободување од горењето на јаглен, и за кој се смета дека предизвикува глобално затоплување. Покрај овој гас, во атмосферата се испуштаат и ПМ-2.5 честички, кои ни се добро познати во Македонија по смогот кој го предизвикуваат во текот на зимските месеци.

Дури една петтина од смртните случаи низ светот се предизвикани од дишење загаден воздух, за што најодговорно е горењето на фосилни горива. Низ светот, 8,7 милиони смртни случаи во 2018 година биле поврзани со загадувањето. Покрај фосилните горива, извори на загадувањето се и правот и горењето органски материи од случајните и намерните пожари во шумите и земјоделските површини, пишува во анализата.

Болести кои ги предизвикува дишењето загаден воздух вклучуваат срцеви болести, дијабетес и секако – болестите на дишните патишта. Во истражувањето се посочува дека забрзаната индустријализација на Кина и непланскиот развој во Индија се главни причини за зголемената смртност од загаден воздух. Но, во анализата на Харвард и УКЛ се наведува дека и Европа е меѓу тешко погодените региони.

За да се справат со опасноста од загадувањето што произлегува од термоцентралите, тренд во развиените држави е овие централи да се заменат со централи кои горат природен гас. Иако повторно се работи за фосилно гориво, гасот е сепак неспоредливо почист во однос на јагленот.

Но Македонија целосно го пропушта овој тренд. Планираниот гасовод Јужен Поток, за кој Македонија се определи уште во 2012 година, ќе ја одмине земјата откако владата на Зоран Заев не покажа никаков интерес да се приклучи. Како замена за овој проект се наведува поврзување со Грција и евентуална набавка на втечнет гас увезен од САД или од други производители како Либија и Катар, преку терминал кој треба да се изгради во Александрополис. Но, изградбата на овој терминал е неизвесна и далеку во иднината. Во јануари Заев најави македонско учество во изградба на една гасна централа – но во Грција, која потоа би требало да и отстапи дел од произведената струја на Македонија.