Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија петта година по ред ги претставува туристичките можности на земјава на меѓународниот саем за туризам “TTG Travel Experience” во Римини, Италија.

На првиот ден од отварањето на меѓународниот саем за туризам претставниците на Агенцијата остварија повеќе од 60 бизнис состаноци со тур-оператори, медиуми, блогери и останати професионалци кои ги диктираат трендовите во туризмот.

ТТГ Римини е главен саем за туризам и туристички пазар во Италија за преговарање и вмрежување помеѓу меѓународната понуда и посредниците на туристичкиот производ. Тоа е единственото место во Италија каде излагачите можат да ги сретнат сите главни италијански туристички агенции и тур-оператори, остварат деловни контакти и развиjат понатамошен успешен бизнис.

На 55-тата интернационална бизнис туристичка манифестација во Римини својата туристичка програма ја претставуваат над 150 туристички дестинации, учествуваат над 2.550 изложувачи од 90 земји, 750 новинари, 300 блогери и 72.662 посетители.