Македонските туристички потенцијали во наредните четири дена се презентираат на интернационалниот саем за туризам во Сингапур (ITBAsia) преку заедничка соработка со Србија и Црна Гора. Заедничкото претставување на туристичките потенцијали на трите држави како една дестинација е под слоганот „Вратата на Балканот”.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот информираат дека на првиот ден од отворањето на оваа туристичка берза е регистриран неочекувано голем интерес на азиските туроператори за неоткриените балкански убавини.

Потенцијалот на азискиот пазар е огромен и бројот на туристи од овој дел на светот кои ја посетуваат Европа и Балканот се во пораст секоја година. Балканот е неоткриена туристичка дестинација и е меѓу приоритетите на АППТ за следните неколку години. Преку учество на саемов целиме кон зголемување на бројот на туристи од Азија за 50 проценти, зајакнување на регионалната соработка, како и заедничко претставување на Балканот како една дестинација за трети пазари, изјави директорот на АППТ Љупчо Јаневски.