Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска оствари средба со заменик-министерот за земјоделство на Руската Федерација, Сергеј Левин во Москва, на која се согласија да ја продолжат соработката меѓу македонската Агенција за храна и ветеринарство и Фитосанитарните служби со Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор – Росселхознадзор.

На средбата, како што соопштува МЗШВ, рускиот заменик-министер Левин истакнал дека очекува во следниот период извозот на руски производи во Република Северна Македонија да се зголеми, што во моментов изнесува околу 1 милион долари годишно.

Министерот Димковски истакнал дека ќе ја продолжи поддршката на саемите „Продекспо“ и „Мир Питание“, како и на Македонскиот дом во Москва.

Димковски го информираше заменик-министерот Левин дека на почетокот на месецов, од страна на македонската Агенција за храна и ветеринарство до руската Росселхознадзор, е упатено барање за отпочнување постапка за одобрување и ставање на листата на објекти и оператори за извоз на млечни производи во Руската Федерација и посочи дека е потребно да се забрза процедурата затоа што постои интерес од бизнисмените од двете држави, соопштува МЗШВ.

Димковски изразил благодарност за веќе одобрените извозни дозволи за три фирми кои произведуваат млеко и млечни производи и за една компанија од месната индустрија, што започнаа со извоз на рускиот пазар.

Заменик-министерот Левин, како што се наведува во соопштението, ја потенцирал важноста за почитување на фитосанитарните и ветеринарните стандарди при извоз на рускиот пазар и усогласување на потребната документација со повисок степен на заштита на сертификатите за извоз.

Димковски го информираше Левин, дека од македонската страна се започнати подготвителните активности со сите вклучени институции во државата, за одржување на деветта седница на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, која што ќе се одржи следниот месец во Охрид, информира МЗШВ.

Министерот Димковски во организација на Македонско-руската стопанска комора, ја посетил Трговско индустриската комора на Руската Федерација во Москва и имал работен состанок со заменик-претседателот на комората, Владимир Падалко, со којшто се согласиле дека е потребен поголем ангажман од двете страни за зголемување на трговската размена во земјоделството што и сега доминира во македонскиот извоз во Русија.