Во присуство на премиерите на Македонија, Димитар Ковачевски, на Грција, Кирјакос Мицотакис, на Бугарија, Кирил Петков, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска во грчкиот град Александруполи ќе се одржи свечена церемонија по повод започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас (LNG), јави дописничката на МИА од Атина.
На церемонијата обраќања ќе имаат Ковачевски, Мицотакис, Петков, Вучиќ и Мишел, а веднаш потоа, како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, грчкиот премиер ќе приреди ручек за странските лидери.
Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски, ќе присуствуваат и вицепремиерот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, како и министерот за економија Крешник Бектеши.
Мицотакис во петокот, за време на владината седница ја најави посетата и ја истакна важноста на конкретниот терминал, за кој рече дека ќе помогне во диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, не само за Грција, туку и за регионот.
-Во вторник заедно со други лидери од Балканот ќе бидам во Александруполи на новиот терминал за складирање и гасификација на течен природен гас, многу важен инфраструктурен проект кој во комбинација со други иницијативи, за помалку од 20 месеци ќе ни даде можност целосно да ги диверзифицираме нашите извори за снабдување со природен гас, не само на нашата земја, туку и на целиот Балкански Полуостров, рече Мицотакис.
Како што вчера јави дописничката на МИА од Брисел, Мишел во Александруполи ќе допатува на покана на премиерите на Македонија, Грција и Бугарија и на претседателот на Србија, а за ЕУ проектот за гасоводот е од клучна важност во момент кога главна цел е независност од рускиот гас.
-Проектот ќе понуди нови извори и рути за набавка на природен гас и ќе ја зголеми безбедноста на набавката во Грција, Бугарија и другите земји во регионот, изјавија од кабинетот на Мишел.
За време на учеството на Делфи економскиот форум во Грција минатиот месец, говорејќи за МИА и премиерот Ковачевски и вицепремиерот Битиќи и министерот за финансии Бесими се осврнаа на терминалот во Александруполи, истакнувајќи ја важноста за нашата земја.
Премиерот, тогаш рече дека и интерконекторот со Грција и терминалот за течен природен гас во Александруполи не се само економски проекти, туку се и од стратешко значење и изрази уверување дека набргу ќе почне реализацијата.
-Тоа е проект во којшто учествуваат и Република Грција и Република Бугарија и Република Македонија, а се со цел да се направи диверзификација во снабдувањето со гас, којшто би доаѓал од LNG терминалот во Александруполи. Ние како држава ги донесовме одлуките прво за закуп на количини во терминалот за потребите на ЕСМ, а исто така и НЕР веќе работи на договор за реализација на интерконекторот со Грција преку којшто практично гасот би доаѓал до нашата држава, објасни Ковачевски за МИА минатиот месец.
Вицепремиерот Битиќи и министерот за финансии Бесими, тогаш истакнаа дека терминалот ќе помогне за поголема енергетска независност на земјата.
-Без разлика што некогаш некој сакаше да каже дека е погрешен чекор, јас верував и моите колеги веруваа дека тоа е исправен чекор и денеска се покажува дека навистина е исправен чекор, затоа што можеме да бидеме сигурни дека следните 15 години имаме осигурано гас од друг извор, секогаш е добро да имате два извора наспроти само еден, како што имавме изминативе 30 години, рече Битиќи.
Терминалот за складирање течен гас во Александруполис чини 400 милиони евра. Се состои од пловечки објект каде ќе се чува енергенсот кој таму во течна состојба ќе стига со бродови цистерни. Ќе се преработува во гас, па ќе се пушта во употреба во регионот.
Comments are closed for this post.