Владата на вчерашната седница ја донесе предлог Одлуката за утврдување на дополнителна помош, како мерка за исплата за продадено винско грозје. Дополнителната помош ќе им се исплаќа на лозарите коишто го продале своето грозје во периодот од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година, а коешто досега не им е исплатено од страна на винарските визби кои во тој период биле регистрирани во Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство и вршеле откуп. За да им се помогне на производителите на винско грозје пред предстојната сезона, со одлуката се предлага продаденото и ненаплатено винско грозје да се исплати од страна на државата.
Дополнителната помош ќе се исплаќа како мерка предвидена во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година. За таа цел Владата вчера исто така ја прифати и Предлог – Програмата за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019-та година. Во неа, се врши изменување на вкупниот износ на средства во програмата предвидени за растително производство и се додава нова Мерка „8-а Дополнителна помош за продадено-неплатено винско грозје во период од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година“.
Висината на дополнителната помош според донесената одлука се утврдува според сортата на продаденото винско грозје која не е повисока од просечната цена за откуп на винско грозје во Република Македонија која е утврдена по килограм винско грозје на годишно ниво за периодот од 2014 година до 2016 година.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој по приемот на податоците од страна на Државниот инспекторат за земјоделство, а согласно висината на дополнителната помош, го утврдува износот на дополнителната помош во решението за исплата по поединечен корисник. Корисникот на дополнителната помош ќе го врати исплатениот износ на дополнителната помош доколку во периодот од три години од денот на исплатата врз основа на судска одлука или исполнување на договорот за откуп/продажба на винско грозје го добие истиот, намален или зголемен износ на име надомест на штета или исполнување на договорот за откуп/продажба на винско грозје. Корисникот на дополнителната помош согласно владината одлука, средствата ги враќа на сметка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во рок од 15 дена од денот на наплатата согласно судската одлука или исполнувањето на договорот за откуп/продажба на винско грозје.
Платежната агенција 60 дена пред истекот на третата година од денот на исплатата на дополнителната помош врз основа на податоците од Управата за јавни приходи врши проверка на исполнувањето на обврската на корисникот.
Врз основа на евиденцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и врз основа на анализите на терен од страна на Државниот инспекторат за земјоделство, утврдено е дека голем дел од лозарите кои имаат предадено грозје во текот на 2014, 2015 и 2016 година, сеуште немаат добиено пари.
Оваа одлука не значи дека државата им должи на приватните компании, туку со оваа одлука директно се обештетуваат лозарите, а преку финансиските инструменти на Управата за јавни приходи, парите ќе бидат вратени во Буџетот. Мерката се воведува заради одржување на производството на засегнатите лозари кои досега предаденото грозје не им беше исплатено од страна на винариите. Во насока на заштита на лозарите во делот на исплатата за откупениот род, МЗШВ веќе подготвува и нови измени на Законот за вино, со кои се предвидува воведување на меници како гаранција за исплата на откупеното грозје и создавање на услови за мали винарии кои ќе ја зголемат конкуренција, информираат од МЗШВ.
Comments are closed for this post.