Земјоделството (вклучително и лов, шумарство и рибарство) е третиот најголем сектор по услугите и индустријата. Неговото учество во вкупниот БДП остана релативно стабилно изминатиот период, со околу 10-12%, а заедно со преработувачката индустрија, процентот се зголемува на 16-18%.

Можностите за поголем придонес на оваа дејност во националната економија согласно расположивите потенцијали во земјоделството не се целосно искористени и покрај традицијата во овој сектор, како и покрај поволните климатски услови. Повеќе од една третина од земјоделското обработливо земјиште не се обработува. Субвенциите кои почнаа да се исплаќаат од 2007 година не ги дадоа саканите ефекти, наместо развојна нота тие беа искористени како социјално-политичка алатка.

За таа цел, на меѓународната конференцијата што се одржува во Стопанската комора на Македонија во организација Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија на тема „Насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“, присутните говорници преку компаративните искуства кои може да послужат како позитивни примери, во дебата со претставници од компаниите, здруженија, асоцијации и државни институции, ќе треба да дадат придонес да се предложат мерки и насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор.