Членките на Европската унија не ја користат можноста за користење на поттикнувачки програми на Унијата, а сумата на неискористени средства е вртоглаво голема.

Како што пренесува германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ сумата неискористени средства за поддршка од ЕУ достигнала рекордни 270 милијарди евра.

Претседателот на Европскиот суд за ревизија, Клаус-Хајнер Лене изјавил дека „парите се тука, но нема да се потрошат“.

Повеќе земји, како на пример Италија, не можат да користат поголем дел од субвенциите заради тоа што отсуствува кофинансирање на проекти. Често пати станува збор за недостиг од издржани проекти.

„Делумно, овие земји не можат ниту да именуваат соодветни административни службенции“, истакнува Лене.

Според него, Европската комисија сакала да „ја минира оваа планина, но наместо тоа таа само расте и расте и веќе е двојно поголема од буџетот на ЕУ“.

Како посебен проблем се посочува недостигот од флексибилен пристап. Буџетот е во поголем дел фиксиран за период од седум до десет години.

„Комунизмот падна на петтолетките – ние сега правиме седумгодишен план“, критикува Лене.

Како резултат на тоа, буџетот на ЕУ не може да обезбеди неопходни одговори за новите предизвици како што се бегалците или финансиската криза.